Старо новиот шампион во MotoGP за сезоната 2019, Марк Маркез, на патеката Филип Ајленд ја забележа својата петта последователна сезонска победа или 11-та вкупно во 2019 година

Неговиот главен ривал за победата беше Маверик Вињалес на Yamaha, кој падна во деветтиот свиок од последниот круг, во моменти кога од второто место се обидуваше да го врати водството од Маркез.

Со својата 55-та победа, Маркез сега е трет на вечната листа на победници во кралската класа, пред Мик Дуан. Последен пат пет победи по ред, Марк Маркез имаше во сезоната 2014.

На подиумот заедно со Маркез, по падот на Вињалес, се искачија двајца сателитски пилоти со Honda и Ducati – Кал Кручлоу и Џек Милер.

Големата награда на Австралија овозможи многу возбудувања, а во првите десет круга осум возачи водеа битка за челните позиции. Деветкратниот светски шампион Валентино Роси беше тој кој ја поведе трката, за истата изненадувачки потоа ја преземат прво Андреа Ианоне во Aprilia, потоа Крачлоу, па Маверик Вињалес од Yamaha.

Заедно со шампионот, возачот на Yamaha успеа да се одвои од ривалите, а разликата помеѓу водечките двајца беше минимална. Маркез дури и не се обидуваше да нападне во текот на 15 круга, за тоа да го направи на стартно-целната рамнина на крајот од претпоследниот круг, на што Вињалес немаше одговор. Помладиот од двајцата Шпанци направи голема грешка само неколку кривини подоцна и остана без пласман, овозможувајќи му на Крачлоу, да се искачи скалило погоре на подиумот.

За одбележување е 400-от старт во трка на легендата на мото трките, Валентино Роси, кој трката во Австралија на крајот ја заврши како осми. 

Покрај триумфот на Маркез, грешката на Вињалес и одличните дуели, трката ја одбележа и стартниот инцидент во кој учествуваа возачот на Ducati, Данило Петручи и Фабио Квартаро од Petronas Yamaha. Двајцата завршија надвор од патеката. Иако на прв поглед изгледаше страшно, сепак и двајцата поминаа без големи последици.

MotoGP Australia 2019 / Резултати

Маркез новата шампионска титула ја обезбеди уште на трката во Тајланд, и на две трки пред крајот на сезоната има 375 поени, 135 повеќе од Довициозо, и третопласираниот Алекс Ринс кој сега има 183 бодови.

Следната трка во MotoGP шампионатот се вози веќе следниот викенд за Големата награда на Малезија на патеката Сепанг.

MotoGP Australia 2019 / Highlights

https://youtu.be/9i2xtdqJyZ4