Oтчукувањата на срцето влијаат на времето на реакција на возачот во сообраќајот и на ризикот од сообраќајни незгоди
Ако може да се верува во најновите научни истражувања, изреката „срцето ми прескокна“, всушност може да биде фактор кој што одлучува дали ќе имате сообраќајна несреќа или не.
Отчукувањата на срцето и способноста за возење се многу поврзани, барем така велат најновите научни истражувања. Возачите имаат поголеми шанси да имаат сообраќајна несреќа ако наидат на пречка на патот токму во моментот на ново отчукување на срцето.
За да се испита влијанието на отчукувањата на срцето врз времето на реакција на возачот, тим на научници од Универзитетот во Сасекс во Британија дизајнирале виртуелен симулатор за возење.
Во текот на возење на пат во овој симулатор, се појавувале пречки на патот или помеѓу две отчукувања на срцето или токму во моментот на отчукување на срцето.
Кога пречките се појавиле точно во моментот на отчукување на срцето, студијата открила дека реакциите на возачите биле побавни, а со тоа и можноста за несреќа поголема.
Резултатите од истражувањето ги презентирал лидерот на тимот, Сара Гарфинкел, минатата недела во Лондон на научниот собир New Scientist Live. Гарфинкел зборувала за можните ефекти на систолите, компресијата на срцевите комори кои се случуваат во моментите на отчукување на срцето, на способноста за возење во сообраќај.
„Ако возите и сте под стрес и срцето ви чука брзо и силно, ќе имате повеќе срцеви систоли и тоа ќе ви го отежни времето на реакција и способноста за избегнување на пречки на патот“, истакнува Гарфинкел.
На истражувањето на нејзиниот тим во прилог одат и други студии кои покажале дека систолите имаат инхибиторен ефект врз способноста на мозокот во обработката на стимули. На пример, болните доживувања мозокот ги доживува како помалку болни ако се појават точно во моментот на отчукување на срцето.
Во претходната студија, Гарфинкел открила и дека систолите, исто така, имаат влијание и врз меморијата. Кога на учесниците во оваа студија ќе им се покажале зборови точно на отчукувањето на срцето и помеѓу отчукувањата, се испоставило дека поверојатно е да ги заборават зборовите што се прикажани доколку биле наведени точно во моментот на отчукување на срцето.
Научниците претпоставуваат дека причината за овие ефекти е во сензорите на крвниот притисок, или барорецепторите, кои се наоѓаат во главните артерии во организмот. Секој пат кога срцето ќе се собере во моментот на отчукување, овие природни сензори испраќаат снопови сигнали до мозокот, кои пак имаат инхибиторен ефект врз одредени когнитивни функции на мозокот.
Исто така, отчукувањата на срцето може да појачаат и некои нервни функции. На пример, Гарфинкел открила дека стимулите за страв се перцепираат како уште пострашни ако се случат токму во моментот на отчукување на срцето.
„Се чини дека постојат добри и лоши срцеви фази за обработка на стимулите во мозокот. Сепак, останува нејасно дали станува збор за нешто корисно или штетно“, смета Мајкл Габлер од Институтот Макс Планк во Германија.
Габлер вели дека шумот во мозокот можеби ја задушува обработката на стимули или мозокот можеби користи ритмички колебања во срцевата активност за да ја оптимизира обработката на стимулите.
На крајот, тој посочува дека обработката на стимули е само еден чекор во сложената серија настани во текот на возењето, и дека многу други работи треба да тргнат наопаку во исто време за да се предизвика сообраќајна несреќа.