Volkswagen е цврсто решен електричните автомобили да ги доближи до пошироките маси

„Ова не е нов почеток за нас, но тоа е целосно ново поглавје во славната историја на Volkswagen“, изјави првиот човек на овој бренд, Херберт Дис, пред новинарите во Франкфурт. Тој ја потврдува заложбата на брендот за електрификација, но исто така најавува и нов план за популаризација на електричните автомобили.

 

„Покрај проблемите со инфраструктурата, тука е и големата цена. Не можете да очекувате голем број на продадени единици со вакви цени. Затоа нашата цел е да пласираме електричен автомобил со почетна цена помала од 20.000 евра во 2023 година!“

Електричниот адут на Volkswagen ќе биде сличен по големина со сегашното Polo и ќе се нарекува ID.1 или ID.2 во зависност од понатамошниот развој на состојбата на пазарот.

Херберт Дис истакнува дека германскиот бренд мора да се грижи долгорочно електричните автомобили да бидат застапени во сите сегменти и дека треба да се понуди доволна автономија за да одговара на потребите на секоја од одделните класи.

По веќе промовираниот хеџбек, моделот ID.3, Volkswagen, планира да пласира „достапен“ SUV модел што треба да биде малку поскап од својот помал и понизок брат. Овој SUV модел би требало да се позиционира во сегментот С, а на пазарот би требало да пристигне најрано 2023/2024 година.