Уште една совршена трка на Марк Маркез, за продолжување на импресивната низа од седум победи по ред на Заксенринг

Веќе по слободните тренинзи и саботните квалификации, како да се навестуваше дека Марк Маркез повторно ќе биде доминантен на Заксенринг. Токму тоа и се случи. Маркез во неделната трка за ГН на Германија испорача совршени перформанси за севкупна 10-та победа на оваа писта во сите категории.

Марк Маркез одлично стартуваше, ја задржа лидерската позиција од квалификациите, постави неверојатно темпо и веќе на 21 круг до крајот имаше предност од две секунди пред останатите, која понатаму, како одминуваше трката само се зголемуваше. Неговата победа во ниту еден момент не беше доведена во прашање

Трката не почна точно најдобро за Фабио Квартараро кој од втората стартна позиција падна на седмото место, а веќе во вториот круг, излета надвор од патеката и предвреме ја заврши трката.

Алекс Rins прво постави најбрз круг со неговиот Suzuki, за кратко потоа да го помине Маверик Вињалес, поранешниот возач на Suzuki и да ја запоседне втората позиција. Неколку круга подоцна успеа да направи веќе добра предност пред Вињалес, иако се повеќе заостануваше зад водечкиот Маркез. Сепак на популарниот „водопад“ не успеа да го задржи моторот на патеката и со голема брзина се излизга надвор од неа. Мораше да реагира и медицинската екипа, за среќа само превентивно.

По излетувањето на Ринс со брзина од над 170 километри на час, Вињалес се врати на позицијата број два, а Крачлоу, со добро темпо до крајот, а при крајот на трката и со притисок врз Вињалес, стигна до последното место на подиумот.

Двата возачи на фабричкиот Ducati тим добро ја започнаа трката и се позиционираа на 6-то и 7-то место, но на крајот максимално што можеа да стигнат е 4-то (Петручи) и 5-то (Довизиозо) место во финалниот поредок, пред Џек Милер од Pramac Ducati. 

Одличниот Џоан Мир на Suzuki, кому му недостига конзистентност за да биде рамо до рамо со тимскиот колега Ринс, заврши на седмото место.

По слабите квалификации, Валентино Роси колку-толку успеа да надокнади од изгубеното со пласман на осмото место на крајот од трката, пред Франк Морбидели од Petronas Yamaha и Штефан Брадл (на местото на повредениот Лоренцо во Repsol Honda) кои ја заокружија првата десетка.

2019 MotoGP Sachsenring, Germany / Резултати

 

2019 MotoGP Sachsenring, Germany / Highlights

https://youtu.be/PlCUqmp99AY

Следната трка од шампионатот се вози на 4- август за ГН на Чешка на патеката во Брно.