Во следниот филм за Џејмс Бонд дури три модели на Aston Martin
Покрај целосно новиот модел Valhalla, на големиот екран ќе се појават и два класични Aston Martin модели, кој агентот 007 веќе ги има возено во некој од претходните филмови од оваа филмска франшиза
Aston Martin го откри филмскиот состав на свои автомобили за новиот 25-ти по ред филм од серијалот за Џејмс Бонд. Ова се случи при посетата на принцот Чарлс на екипата за новиот филм. Откако неодамна во медиумите се појави вест дека Даниел Крег во новиот филм ќе вози хиперавтомобил кој се уште е во изработка – Aston Martin Valhalla, британскиот производител тоа и официјално го потврди додавајќи дека покрај него ќе се појават уште два класици од нивниот бренд.
Кога станува збор за хиперспортскиот Valhalla, истиот ќе биде направен во ограничено издание од само 500 копии и ќе чини околу еден милион евра секоја од нив. Aston Martin Valhalla ќе поседува хибриден погон, кој се состои од V6 турбо бензински мотор и електромотор, со вкупен капацитет од околу 1.000 КС. Автомобилот од 0-100 km/h ќе забрзува за 2.5 секунди, а максималната брзина ќе биде околу 350 km/h.
Покрај Valhalla во филмот ќе го видиме и класикот од 1980-тите – Aston Martin V8 Vantage. Претходно, овој класичен Aston Martin се има појавено во еден од филмовите за Џејмс Бонд пред повеќе од три децении – The Living Daylights во 1987 година, управуван од Тимоти Далтон во улогата на агентот 007.
На крајот, но не и најмалку важен, третиот Aston Martin кој ќе го вози Бонд во новиот филм е уште еден класичен модел, веројатно најпознатиот автомобил од историјата на овој британски производител – DB5.
Aston Martin DB5 досега се има појавено во осум од 24 филма за тајниот агент 007, вклучувајќи и три понови остварувања во кои Бонд го игра Даниел Крег.
Новиот, 25-ти филм за Џејмс Бонд, својата светска премиера ќе ја има во април 2020 година.