Гумитe „без воздух“ доаѓаат за неколку години / ВИДЕО
Речиси две децении откако Michelin почна да работи на револуционерна конструкција или „безвоздушна“ гума, која не може да биде пробушена, денес како што стојат работите, сме се поблиску до комерцијална реализација на оваа идеја
Michelin пред неколку години започна со сериско производство на „безвоздушните“ гуми X Tweel, но тие досега се користеа на косилки за трева и други комерцијални возила кои се движат со мала брзина, бидејќи при повисоки брзини овие гуми се премногу бучни поради вибрациите кои ги создаваат.
Во меѓувреме, Michelin се здружи со General Motors (GM) за да започне со тестирање на таканаречените UPTIS (Unique Puncture-proof Tire System) гуми кои е невозможно да се пробушат, а се наменети за патнички автомобили.
Овие гуми ќе бидат тестирани на флота од електрични возила Chevrolet Bolt, a резултатите од тестовите ќе им помогнат на инженерите во натамошниот развој и унапредување на технологијата на „безвоздушни“ гуми.
Ако се оди според планот, GM планира да ги користи UPTIS гумите на своите патнички автомобили од 2024 година.
„Безвоздушните“ автомобилски гуми имаат повеќе предности во однос на конвенционалните гуми, а најважно е што не можат да се дупнат, односно да го испуштат воздухот. Исто така, возачите не мора да се грижат за притисокот во гумите и дали нивната гума ќе се троши побрзо поради несоодветниот воздушен притисок во гумата.
Како што се наведува, UPTIS гумите ќе траат подолго од конвенционалните гуми, со што ќе се намали и бројот на гуми кои не можат да се користат поради оштетување, поради што би имало потреба од нивно рециклирање.
Покрај тоа, автомобилите веќе нема да имаат резервна гума во багажникот, што дополнително ќе придонесе за намалување на бројот на произведени гуми, а со тоа и намалување на потрошувачката на енергија и загадувањето на животната средина што се случува во процесот на изработка на гумите. Секако, без резервна гума / тркало, возилото ќе биде полесно и ќе троши помалку гориво / енергија при возење.
Според проценките на Michelin, секоја година поради оштетување или абење се отпишуваат околу 20% од гумите кои се употребуваат. Така во отпад завршуваат 200 милиони гуми годишно, а оваа бројка би била значително намалена со воведување во употреба на гумите UPTIS, велат од производителот.