Лондон воведува максимална брзина од 24 km/h
Аеродромот Хитроу ќе наплаќа по 15 фунти за пристап со автомобили
Максимална брзина од 24 km/h и затворање на главните улици околу пладне се меѓу најрадикалните мерки кои локалните власти во Лондон планираат да ги воведат за справување со загадувањето и промовирање на пешачењето.
Минатиот месец градоначалникот на Лондон, Садик Кан, значително ја зголеми „таксата за загадување“ за влез со автомобил во централните делови од градот.
Во прво време тие ќе се применуваат во таканаречениот дел City – финансискиот центар на главниот град, каде што над половина милион луѓе одат на работа секој ден. Бројот на автомобилите во реонот се преполовил за половина во последните 20 години благодарение на таксата за загадување и подршката на велосипедите. Но, според City of London Corporation, управителот на City, тоа не е доволно. Целта е намалување за уште 25% до 2030 година и за 50% до 2044 година.
Ограничување на максималната брзина 24 km/h може да стапи во сила уште во 2021 година, бидејќи само се чека на одобрување од Министерството за транспорт. Сепак, просечната брзина во областа во моментов не надминува 17 km/h поради тесните улици и застојот.
Според претставниците на City of London Corporation, мерката ќе биде корисна бидејќи емисиите на автомобили се највисоки кога автомобилите забрзуваат. Исто така, во план е три од главните улици во областа да бидат отворени само за електромобили. Другите „артерии“ ќе бидат затворени на пладне за да ги охрабрат работниците на ручек да одат пеш.
По две години за секој од автомобилите на оваа слика, покрај паркингот, нивните сопственици ќе треба да платат уште по 15 фунти, за да имаат пристап до аеродромот Хитроу
Според некои информации слични мерки се разгледуваат и за целиот град Лондон, чиј градоначалник Садик Кан најави дека борбата со загадувањето е негов приоритет. Од минатиот месец во центарот се воведени нови, доста повисоки такси за стари автомобили.
Слична такса ќе биде воведена и на аеродромот Хитроу од 2022 година – сите постари бензински и дизел автомобили ќе плаќаат навистина „солено“ не само за паркирање, туку и воопшто за можноста да стигнат до аеродромот. Висината на надоместокот ќе биде помеѓу 10 и 15 британски фунти по автомобил, велат од управата на Хитроу.