Nissan воведува систем на автономно возење на автопат во сериско производство
Nissan нагласува дека рацете треба да бидат на управувачот кога го користите системот ProPilot Assist за полуавтономно управување
Јапонската марка на домашен терен оваа есен ќе воведе вистинско hands-free возење, кое доаѓа со втората генерација на РroРilot, исполнувајќи го на тој начин своето ветување дека ќе лансира автономен систем со автоматска навигација за возење по автопат до крајот на деценијата.
Претставен минатата недела, ProPilot 2.0 носи неколку подобрувања и придобивки во споредба со сегашниот систем, кој своето место го има пронајдено во 350.000 возила ширум светот, од пазарното лансирање во 2016 година.
Главната предност е обезбедувањето на целосно автономно возење на автопат. Системот е способен за менување на ленти, поминување на други автомобили и помош при напуштање на лентата. Сегашниот систем не дозволува промена на лентата, ниту пак „соработува“ со системот за навигација.
Новата технологија ќе го задржи јапонскиот бренд на лидерската позиција кога станува збор за автономно возење, што е исто така приоритет на новата стратегија на Nissan, вели Текуја Иџима, директор на секторот за автономен развој.
„Сите функции се на највисоко ниво во светот“, рече Иџима минатата недела кога го презентираше новиот систем. „Ќе биде многу тешко за другите да не стигнат и престигнат. Имаме интегрирани технологии на најнапредно ниво“.
ProPilot 2.0 содржи сет од седум камери, пет радарски сензори и 12 сонарни сензори. Пакетот се заокружува со 3D навигација со висока дефиниција. Сепак, нема лидари, сензорска технологија базирана на ласери, која е „хит” во светот на автономното возење. Иџима вели дека комплетот на сензори на Nissan и мапирањето се исто толку добри.
Сепак, постојат неколку ограничувања:
- Системот овозможува возење без учество на рацете само кога возилото останува на една лента. Јапонските закони бараат рацете на возачот да бидат на воланот кога автомобилот ги менува лентите. ProPilot 2.0 може да го направи тоа автономно, но законот бара во секој случај рацете на возачот да бидат на воланот.
- Системот работи исклучиво на автопати мапирани во 3D со висока дефиниција. Токму ова напредно дигитално мапирање овозможува новиот систем да го позиционира автомобилот со екстремно ниска можност за грешка, мерена во сантиметри.
- Засега, системот ќе биде достапен само во Јапонија. Иџима вели времето за глобално лансирање е во фаза на дискусија. Во Јапонија, системот ќе дебитира во Nissan Skyline (Infiniti Q50).
- Сепак , возачите сè уште нема да можат да се релаксираат премногу. Системот ја користи функцијата детекција на возачот за да биде сигурен дека тој обрнува внимание на патот и дека е подготвен да ја преземе контролата во случај на потреба. Значи, нема дремење или читање.
Камерите за новиот систем се на Mobileye, додека јапонскиот „картографски“ гигант, Zenrin, обезбедува 3D карти со висока дефиниција.