PSA го сели производството на Opel Astra од Британија во Германија?
Новата генерација на Astra, која ќе биде лансирана во 2021 година, најверојатно ќе се произведува во фабриката на Opel во Риселсхајм, наместо во британскиот Елсмир
Актуелна Astra K
PSA Group, која е сопственик на Opel и Vauxhall од август 2017 година, одлуката каде ќе се произведува следната генерација на Astra, ќе ја донесе во следните неколку недели, пишува Autonews Europe.
Според истиот извор, кој се повикува на германските медиуми, новата Astra треба да биде претставена најдоцна за 2 години..
Синдикатот на фабриката во Елсмир, Велика Британија веќе стравува дека идната Astra (верзијата на Opel со воланот на левата страна) наместо во овој крајбрежен град ќе се произведува во Риселсхајм, Германија. Во Велика Британија, треба да се произведува само Vauxhall Astra (со волан на десната страна), наменета за купувачите на островот.
Една од причините за преместување на производството во Германија е тоа што ова лето престанува производството на Zafira Tourer во Риселсхајм, оа оваа фабрика ќе остане со само еден модел – Insignia и вишок на производствен капацитет.
Иако PSA официјално не донела одлука каде ќе се произведува следната Astra, германските медиуми велат дека изборот е веќе завршен и дека преселбата во Риселсхајм е веќе „завршена работа“.
Според овие наводи, PSA разгледува две опции. Според една, 75% од производството на новата генерација ќе продолжи да се одвива во Британија, додека 25% во Риселсхајм. Другата опција е дека 75% од возилата ќе се прават во Германија, а само 25% во Елсмир, каде што ќе се произведува само варијанта со волан на десната страна.
Германскиот извор тврди дека PSA е поблиску до втората опција, а една од причините за тоа е Brexit, односно бизнис-ризикот поради напуштањето на ЕУ од страна на Велика Британија.
Дека ова навистина ќе се случи, потврдува и неодамнешното ветување на директорот на Opel кој на претставниците на синдикатот во фабриката во Риселсхајм им рекол дека по укинувањето на Zafira, сепак ќе обезбеди производство на друг модел во таа фабрика.
Сегашнатата Astra K, освен во Велика Британија, се произведува и во фабриката во Полска.