Bugatti La Voiture Noire – најскапиот нов автомобил во историјата
La Voiture Noire чини над 16 милиони евра и претставува омаж на легендата Type 57 SC Atlantic
Уште еднаш француската марка Bugatti покажа дека е незаменлива кога станува збор за создавање на уникатни луксузни и супермоќно автомобили. На штотуку отворениот автосалон во Женева, компанијата го претстави уникатниот La Voiture Noire, од кој е направен само еден примерок по нарачка на голем фан на брендот.
„Вистинската форма на луксузот е индивидуалноста, а La Voiture Noire е врв на производството на автомобили. Тој е скулпторска убавина со уникатна технологија – совршен Gran Tourismo кој комбинира удобност на луксузна лимузина со моќта и карактерот на спортски хиперавтомобил“, коментира претседателот на Bugatti, Стефан Винкелман.
Со Bugatti La Voiture Noire компанијата ја одбележува својата 110-годишнина, а возилото претставува омаж на легендарниот Type 57 SC Atlantic, создаден од основачот на брендот Жан Бугати во 30-тите години на минатиот век. Секој елемент од хиперавтомобилот е направен рачно, а каросеријата е целосно од карбон. Дизајнот на машината е дело на Етјен Саломе.
Под каросеријата на хиперавтомобилот е познатиот 16-цилиндерски мотор со работна зафатнина од 8.0-литри. Неговата моќ е 1.500 КС, а максималниот вртежен момент 1.600 Nm.
Возилото чини точно 11 милиони евра без даноци, а со нив се очекува да надмине 16 милиони евра, што го прави најскапиот нов автомобил на сите времиња. Името на новиот сопственик не е соопштено, а според гласините, тоа е Фердинанд Пих – внукот на Фердинанд Порше и поранешен шеф на концернот Volkswagen Group.