Кои се новитетите не очекуваат на штандовите во Женева?
Меѓу овогодинешните премиери од една страна се новиот Peugeot 208, новото Renault Clio, малиот SUV на Škodа – Kamiq, додека на другиот крај од ценовниот спектар се новини како Ferrari F8 Tributo, Lamborghini Huracan Evo, McLaren 600LT Spider …
Новото, 89-то издание на Меѓународниот автомобилски саем во Женева започнува денес и е една од најважните светски изложби на нови автомобили.
Првите два дена се резервирани за претставниците на медиумите, а портите на саемот за посетителите ќе се отворат во четврток, 7 март па се до 17 март.
Иако во времето на доминацијата на Интернетот, големите светски саемски манифестации на кои се претставуваат најновите модели на автомобили, полека губат на значење, сепак и оваа година голем број изложувачи од целиот свет ќе бидат присутни во Женева. Има и такви кои од различни причини сепак решија да го прескокнат овој салон – Ford, Hyundai, Volvo, Jaguar, Land Rover…
Како и да е, најавени се повеќе од 150 светски и европски премиери, а ќе бидатизложени повеќе од 900 автомобили. Се очекуваа околу 660.000 посетители.
Кога станува збор за премиерите на нови модели, вниманието на публиката сигурно ќе го привлече француското дуо – Peugeot 208 и најновото Renault Clio. Претходните верзии на моделите се меѓу најпродаваните автомобили во Европа во својата класа, па сличен резултат се очекува и од нивните наследници.
Уште еден новитет кој би можел да ги помати сметките на конкуренцијата е малиот SUV Škoda Kamiq. Овој модел треба пазарно да се спротивстави на модели како Renault Captur, Peugeot 2008 Suzuki Vitara, Nissan Juke и други.
Kia на автомобилскиот саем во Женева доаѓа со „крос“ верзија на моделот CEED, а Mazda ќе ја одржи европската премиера на новата „тројка“.
BMW во Женева доаѓа со караван верзија на новата Серија 3, а Audi се фокусира на голем број на plug-in хибридни модели – Q5, A6, A7 и A8. Тука треба да се спомене и очекуваната премиера на нов електричен концепт.
Mercedes, меѓу другото, доаѓа со restiliziraniot SUV GLC и спортскиot AMG GT R Roadster so 585 КС.
Дека автомобилската индустрија полека, но сигурно се врти кон електричните возила, покажува и големиот број на најавени производни модели и концепти на електрична енергија.
Меѓу нив се и новиот Kia Soul EV, Polestar 2 EV, Renault Zoe (редизајн) Citroen Ami One, Honda e-prototype, Seat el-Born…
Ниту фановите на суперавтомобили и моќни машини со конвенционални мотори нема да бидат разочарани од она што ќе може да се види во Женева – Ferrary F8 Tributo, Lamborghini Huracan EVO (купе и кабриолет верзија), нови верзии на McLaren, уникатна специјална верија на класикот Bugatti 57 SC Atlantic и многу други спортски модели од помалку познати производители.