На оваа дата, глобалниот систем за позиционирање ќе се ресетира

Ако го користите вашиот паметен телефон за GPS навигација или користите некој друг GPS уред, лансиран на пазарот во последните 10 години, оваа статија може и да не ја читате. Но ако имате постара GPS навигација добро е да знаете дека истата веројатно ќе престане да работи на 6 април или нешто по оваа дата, пишуваат западните медиуми.

Проблемот се должи на тоа што системот за глобално позиционирање користи GPS време за да ја утврди локацијата што се определува од „пресметаната средна вредност на GPS сателитите и часовниците на копнените станици“. На 6 април оваа година ќе се ресетира GPS времето што може да доведе до тоа некои стари уреди да ги вратат часовниците на 1980 или 1999 година, што се разбира, ќе доведе до неточни резултати од навигацијата.

Овој проблем произлегува од фактот дека GPS времето користи 10-битен бинарен параметар за една недела, што значи дека може да брои само до 1023 (што е приближно 20 години) и потоа се ресетира. Новите GPS приемници можат лесно да се справат со ресетирањето, но ако имате стар уред, како на пример систем во автомобилот, истиот може да не работи правилно по промената, ако не го обновите фирмверот. Ако ажурирање нема, уредот може да стане безвреден.

Оваа ситуација сигурно ќе предизвика непријатности на некои луѓе кои ги користеле овие системи за навигација во автомобилите со години. Решението е едноставно – користење навигација на паметен телефон или нов GPS навигатор за возилото.

Проблемот најверојатно најмногу главоболки ќе донесе на бизнисот и на владините организации во различни земји, кои користат GPS. На пример, Министерството за енергетика на САД истакнува дека ова ресетирање може да влијае на преносот и дистрибуција на електрична енергија, ако компаниите не ги преземат неопходните мерки.

Од друга страна, не е за отфрлање теоријата дека проблемот со GPS да е „надуван“, како што беше со таканаречениот „проблем со 2000 година“. Тогаш многу експерти предвидуваа „компјутерски крај на светот“ со глобално паѓање на сите компјутерски системи, одговорни за енергетика, одбрана, воздушните системи, транспорт и многу други. Но освен ситни проблеми кои лесно се решија, ништо поспектакуларно не се случи.