Овогодинешното издание на Formula 1 заврши повеќе-помалку очекувано, со убедлив триумф на Mercedes и Луис Хамилтон. До почетокот на следната остануваат помалку од три месеци, период во кој новите возачи во тимовите треба да се адаптираат на новите болиди, тимови, да се одработат зимските тестирања…

Во продолжение комплетниот грид за следната сезона и официјалниот календар на трки за 2019 година.

Mercedes (Mercedes-AMG Petronas Motorsport)

Германците не го менуваат тимот што го добива. За тимот повторно ќе возат петкратниот светски шампион Луис Хамилтон и Финецот Валтери Ботас, кој оваа сезона се покажа како „тимски играч“. Тој неколку пати во изминатата сезона ги почитуваше тимските наредби, дури и тогаш кога тоа не беше поволно за него. За Хамилтон нема што да се зборува. Некои го сакаат, некои не. Факт е дека за него се пет титули светски шампион.

Ferrari (Scuderia Ferrari Mission Winnow)

Тешка година за Ferrari. Податоците велат дека во изминатата сезона го имаа најбрзиот болид, но неколкуте големи грешки на раководството на тимот, како и непромислени потези на Фетел ги исфрлија од сериозна битка за титулата. Сметката на крајот се чини дека ја плати Кими Раиконен кој ја напушти Scuderia, а на негово место доаѓа младиот Чарлс Леклерк кој покажа дека има многу материјал во него оваа година во Sauber. Се разбира, Себастијан Фетел останува во Ferrari во обид да ја врати титулата светски шампион.

Red Bull (Aston Martin Red Bull Racing)

Red Bull го смени снабдувачот на мотори и од следната сезона е партнер со Honda, со која Австријците беа многу задоволни од Toro Rosso. Од развојниот тим во Red Bull доаѓа младиот Пјер Гасли, кој следната година ќе вози заедно со Макс Ферштапен. Гасли ќе го замени Даниел Рикардо, кој одлучи кариерата да ја продолжи во Renault.

Renault (Renault F1 Team)

Renault најави целосно нов мотор за 2019 година. Очигледно е дека Французите имаат силни аргументи, бидејќи успеаја да го убедат талентираниот Рикијардо да влезе во нивниот тим. Покрај Австралијанецот, во тимот останува F1 ветеранот, Нико Хулкенберг.

Haas (Rich Energy Haas F1 Team)

Во Haas се многу задоволни од претходната сезона и во возачкиот двоец нема промени. Боите на тимот од САД и во следната сезона ќе ги бранат Роман Грожан и Кевин Магнусен.

McLaren (McLaren F1 Team)

Зад McLaren останува уште една тешка година. По многу неуспешни години и катастрофални резултати, Фернандо Алонсо револтиран одлучи да ја напушти Formula 1. Неговото пензионирање е еден од моментите кои ја одбележаа изминатата година.. Наместо Алонсо, за тимот ќе настапува неговиот сонародник Карлос Сајнц, а втор возач ќе биде младиот и талентиран Ландо Норис.

Racing Point (Racing Point F1 Team)

Force India повеќе не постои, а тимот има ново име. Бидејќи таткото на Ленс Строл сега практично е сопственикот на тимот, сосема очекувано како возач во тимот е неговиот син, покрај кој на патеката ќе вози и ветеранот, Серхио Перез.

Sauber (Alfa Romeo Sauber F1 Team)

Sauber доби големо засилување за следната година – од Ferrari пристигна Кими Раиконен. Нему ќе му се придружи младата надеж од училиштето за возачи на Ferrari, Антонио Ѓованачи.

Toro Rosso (Red Bull Toro Rosso Honda)

Во Toro Rosso има големи промени. Чудно, но во тимот се враќа некогаш протераниот, Данил Квјат, а друштво ќе ми прави дебитантот, Александар Албон.

Williams (Williams Racing)

Тим со долг стаж во Formula 1 и уште еден повратник во најбрзиот циркус во светот – Роберт Кубица. Пољакот се враќа во Формула 1 по деветгодишна пауза, додека втор возач во тимот ќе биде дебитантот Џорџ Расел. Дуото Кубица-Расел ќе има за задача да го поправи лошиот впечатокот од сезоната која е зад нас.

 

ПРЕДСЕЗОНСКИ ТЕСТИРАЊА


ТЕСТ 1 18-21 Февруари (Каталуња Барселона, Шпанија)
ТЕСТ 2 26 Февруари-1 Март (Каталуња Барселона, Шпанија)

2019 КАЛЕНДАР НА ТРКИ

17 Март (Австралија, Мелбурн)
31 Март (Бахреин, Шакир)
14 Април (Кина, Шангај)
28 Април (Азербејџан, Баку)
12 Мај (Шпанија, Барселона)
26 Мај (Монако, Монте Карло)
9 Јуни (Канада, Монтреал)
23 Јуни (Франција, ле Кастелет)
30 Јуни (Австрија, Шпилберг)
14 Јули (Велика Британија, Силверстон)
28 Јули (Германија, Хокенхајм)
4 Август (Унгарија, Будимпешта)
1 Септември (Белгија, СПА)
8 Септември (Италија, Монца)
22 Септември (Сингапур)
29 Септември (Русија, Сочи)
13 Октомври (Јапонија, Сузука)
27 Октомври (Мексико, Мексико Сити)
3 Ноември (САД, Остин)
17 Ноември (Бразил, Сао Паоло)
1 Декември (Абу Даби, Јес Марина)