Групацијата Volkswagen е најсериозен кандидат за освојување на титулата најголем светски производител на автомобили за 2018 година, и покрај лошиот имиџ условен од дизелгејт и главоболки од воведување на стандардот WLTP

Добиените резултати од продажбата на германскиот гигант досега оваа година се такви што му даваат за право на раководството дека ова ќе биде рекордна година, во однос на бројот на пласирани возила

Имено, на крајот од минатата недела челниците на VW групата излегоа со податоци дека корпорацијата продала 9,92 милиони возила ширум светот, во првите единаесет месеци од оваа година. Овој резултат истовремено значи дека продажбата на конгломератот оваа година се зголемила за 1,8% во споредба со истиот период минатата година.

„Зголемувањето на бројот на глобални испораки е извонреден резултат. Иако обемот на продажба повеќе не е апсолутен приоритет, високиот степен на продажба ни овозможува да ги максимизираме ефектите од економијата на обем“, вели Кристијан Далхајм, шеф на флотната продажба на Volkswagen.

“Во ноември, доживеавме пад на продажбата во Европа, првенствено поради ефектите од имплементацијата на протоколот WLTP. Убедени сме дека ќе го срушиме рекордот во однос на продажните резултати. Оној што го постигнавме во 2017 година, и покрај пазарните услови кои беа многу предизвикувачки“.

Најзначајното зголемување на продажбата на VW групата во првите единаесет месеци од оваа година е во Бразил (28,7%) и Русија (20,3%), но овие пазари, во глобални рамки, се незначителни.

Од друга страна, на водечките светски пазари, Германија и Кина, растот на продажбата е скромен: 0,4% и 2,2%, соодветно.

Само еден е пазарот на кој групацијата VW забележала пад на продажбата. Тоа е Северна Америка, каде што во анализираниот период се продале за 1,4% помалку возила од минатата година.