Производителите на автомобили се принудени повторно да ја преиспитаат својата стратешка одлука да продолжат да инвестираат во дизел-технологијата

Имено, според пресудата на судот на Европската Унија, регулативата донесена од страна на Европската комисија во поглед на помали вредности за исполнување на Euro 6 стандардот е незаконска.

Според одлуката на судот, Европската комисија неоправдано ги намалила границите за Euro 6 стандардот со воведување на нови правила за тестовите за емисии кај новите возила. Одлуката е донесена од страна на судиите во Луксембург врз основа на тужба поднесена од властите на следните градови: Париз, Брисел и Мадрид. Сега на нив им е дозволено да ги доведат во прашање определените лимити, а ако се покажат како неадекватни, дури и да воведат забрана за движење низ урбаните зони за последната генерација на дизел возила.

Токму затоа автомобилската индустрија и понатаму ќе ја следи уште поголема неизвесност во однос на иднината на моторите со внатрешно согорување, и покрај фактот дека производителите беа презадоволни од фактот што новите и построги ограничувања кои беа најавувани неодамна се отфрлени. На овој начин, производителите се изборија нивните производи, за време на користењето во сообраќајот во реално време, да може да испуштаат поголеми количини на азотни оксиди отколку што тоа го прават за време на тестовите.

Европската комисија постави критериуми според кои, наместо 80 милиграми на азотни оксиди по километар (како што наложува Euro 6 стандардот), дизел возилата, можат да емитуваат дури 168 милиграми, а потоа и 120 милиграми, во текот на периодот на транзиција. Претходно, во сила беа само ограничувања кои се однесуваат на резултатите постигнати во лабораториски услови, а со кои манипулираа бројни производители.

Со ова Европската комисија всушност легализираше повисоки нивоа на емисии отколку оние кои се постигнуваат при тестови во вистински сообраќај, што пак градските власти, како што велат од кај ниве, задачата за исполнување и одржување на квалитетот на воздух ја прават невозможна. Токму поради ова, судот утврдил дека со тоа се прекршени не само законите на ЕУ, туку и човечките права.

Сепак, промени барем во наредните 14 месеци нема да има, со цел да се обезбеди правен континуитет. Што ќе се случи по истекот на овој период, останува нејасно.

„Во принцип, постои можност градовите да изречат забрана за дизел возила, кои се во рамките на стандардот Euro 6“, вели Стефан Брејс, директор на Центарот за управување со автомобилската индустрија (CAM). Јасно е дека ова дополнително го продлабочува проблемот на опстанокот на дизел-технологијата.

Од кругови блиски на власта во Германија, се дознава дека оваа пресуда нема автоматски да доведе до забрана за дизел возилата од последната генерација, иако Берлин веќе ја разгледува можноста за воведување на таква забрана.