Наместо да ги уништи, VW ги продавал предпродукциските возила
По дизел скандалот кој од корен го раздрма германскиот автомобилски гигант во 2015 година, се чини на видик е нов мини скандал во Volkswagen
Германскиот производител на автомобили соопшти дека отповикале 6.700 предпредпродукциски возила кои, наместо да бидат уништени според законот, биле продавани на пазарот како нови или користени.
Volkswagen соопшти дека од вкупниот број на автомобили што се повлекуваат, околу 4.000 сопственици се пронајдени во Германија, додека останатите 2.700 биле пронајдени во Европа и Северна Америка. Тоа се автомобили кои биле продадени во периодот 2006-2018 година.
Отповиците не се невообичаени во автомобилската индустрија, а поради релативно малиот број на возила во прашање, овој случај можеби би поминал незабележано да не станува збор за несекојдневна пракса на еден производител.
Имено, споменатите автомобили на почетокот не биле наменети за продажба, бидејќи таканаречените предпродукциски возила се направени пред официјалниот почеток на сериско производство на одреден нов модел.
Овие примероци се користат како тест автомобили за промотивни цели пред официјалната премиера на одреден модел, а кога ќе ја исполнат својата основна цел, според законот, тие треба да бидат уништени.
И покрај тоа, Volkswagen подоцна ги продал на потрошувачите во Европа и САД како користени или како нови возила (доколку се користени за време на статичко тестирање и ако не се управувани).
Германскиот производител во своето соопштение наведува дека има 6.700 такви автомобили, но во внатрешните документи на фабриката се споменува бројка од 17.000 тест возила.
Споредено со дизел скандалот, кој беше неспоредливо поголем поради тоа што вклучуваше милиони контроверзни автомобили, последната афера се чини е незначителна, но сигурно нема да ја подобри веќе нарушената репутација на Volkswagen.
Дополнителен проблем за челниците на германската компанија се шпекулациите дека некои од нив знаеле за овој случај со години, но истиот е пријавен неодамна на германските власти.
Ова се однесува и на првиот човек на VW групата, Херберт Дис, кој, наводно, бил свесен за овој случај уште во јули 2016 година, кога бил на чело на Volkswagen патнички возила.
Портпаролот на Volkswagen во изјавата вели дека компанијата нема информации за сообраќајни несреќи кои вклучуваат предпродукиски возила, но сепак, отповикот е направен од безбедносни причини.
Со вонредниот преглед ќе се провери до кој степен претпродукциските автомобили се различни од подоцнежните, сериски.
Во случај на мали разлики, како што е софтверска апликација и слично. спорните возила ќе бидат доведени до ниво на стандардните сериски примероци, а во спротивно тие ќе бидат повлечени од употреба и уништени. Не е наведено дали во овој случај корисниците ќе бидат компензирани. Или можеби тоа се подразбира…