Царинското примирје меѓу ЕУ и САД со краток здив?!
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, предупреди дека европското избегнување на дополнителни царински трошоци на увозот на автомобили во САД може да трае само до крајот на годината
Американскиот претседател, Доналд Трамп, се согласи со Јункер по состанокот во Вашингтон, што се одржа во јули да го одложи воведувањето на нови даноци, додека во меѓувреме, двете страни работат на намалување на трошоците и укинување на царинските бариери за трговија на индустриски стоки помеѓу Европската унија и САД.
„Ние се согласивме дека нема да има нов трговски конфликт до крајот на годината, особено во врска со тарифите за увезените автомобили“, изјави Јункер во Берлин.
Администрацијата на Трамп би можела да воведе 25 проценти царински трошоци според законот за национална безбедност. Тоа би значело дека во просек на етикетата на увезените автомобили од Европа би се додале во просек на 10.000 евра (11.300 долари), проценува Европската комисија. Тоа практично ќе го преполови извозот на европските автомобили и делови во САД.
Европскиот комесар за трговија, Сесилија Малмстром, во петокот изјави дека администрацијата на Трамп продолжува да покажува слаб интерес за постигнување договор во врска со намалувањето на царинските давачки на индустриски производи. Американците фокусот во преговорите за отворање на пазарот го ставиле на поблиска соработка во областа на законодавството, наместо намалување на царинските давачки, изјави таа пред новинарите во Брисел.
„Европската унија останува подготвена да постигне договор со САД, со цел да се намалат царините на индустриските производи и блокот е подготвен да започне работа на обемот на таков договор“, вели Малмстром.