Германскиот гигант Daimler најави смена на врвот во својата управувачка хиерархија. Следната година Ола Калениус ќе седне на местото на Дитер Цетче

Дитер Цетче ќе паузира две години пред да го замени Манфред Бишоф во 2021 година на местото директор на Надзорниот одбор, втора клучна функција во корпорацијата од Штутгарт.

Новиот директор на Управниот одбор, Ола Калениус, во Daimler е од 1995 година, со пауза од 2003-2005 година, кога беше извршен директор на MCLaren.

Бил директор и на одделот за маркетинг и продажба, а на новата позиција доаѓа од функцијата директор за развој на автомобили на Mercedes-Benz.

„На различни позиции во Daimler, Калениус заработи не само моја почит, туку признание од своите колеги во многу различни области. Во исто време, придонесува за вредна меѓународна перспектива. Јас сум задоволен со оваа одлука“, вели Дитер Цетче.

Дитер Цетче во Daimler е од 1976 година. Член на Управниот одбор станал кон крајот на 1998 година, а во 2005 година и директор на Mercedes-Benz автомобили. Неодамна Цетче на светот му го претстави првиот целосно електричен Mercedes – моделот EQC.