По неколку месеци шпекулации, одлуката е донесена. Од следната година, Шарл Леклер ќе биде новиот возач на Ferrari

Младиот возач од Монако од следната сезона ќе вози за тимот од Маранело како тимски колега на Себастијан Фетел.

Ова значи дека Кими Раиконен најверојатно ќе ја заврши Формула 1 возачката кариера на крајот од сезоната. Во одлуката придонес веројатно има и развојот на настаните во трката во Монца минатиот викенд, кога Себастијан Фетел беше видно незадоволен од однесувањето на Финецот во квалификациите и на трката. Сепак, не треба да се игнорира дека Леклерк цела сезона, каде и да се појави, ја воодушевува публиката со своето однесување на патеката. Со слабиот Alfa Romeo Sauber, има резултати како да е во многу подобар тркачки автомобил, а Маркус Ериксон во ист таков болид изгледаше како аматер покрај него.

Сосема е јасно е дека Леклерк има и квалитет и талент да направи големи работи во Формула 1. Единственото прашање кое се поставува е како еден млад возач ќе се справи со сите оние нешта што возењето за Ferrari ги носи, како постојаниот притисок дека мора да се победи, бидејќи тимот од Италија не толерира лоши резултати. Всушност, единственото важно прашање е ставот на Ferrari кон Леклерк, дали тој ќе ја има улогата на Ботас во Mercedes или кон него ќе ја насочат својата иднина во овој спорт.