Неколку француски региони воведуваат забрана за сообраќај на возила со пониски еколошки стандарди, како дел од мерките за намалување на загадувањето на воздухот. Забраната освен за Французите се однесува и на странците кои имаат намера да патуваат во оваа земја со сопствен автомобил

Во пет важни туристички региони во Франција, кои ги опфаќаат Париз, Стразбур, Лион, Анси и Изер (алпски регион околу Гренобл), се воведува ограничување за сите моторни возила со т.н. налепница Crit’Air во класата 5, а во одредени реони и за возила со налепница Crit’Air 4.

Низ овие области поминуваат некои од најважните патишта, меѓу кои автопатиштата A7, А41 и 47, кои водат до јужниот дел на Франција, но исто така водат и кон Швајцарија и Италија.

Во Франција, од 2017 година, се применуваат посебни стандарди со кои се предвидува сите возила да мора да имаат една од петте Crit’Air налепници. Ознаките се од 1 до 5, а што е поголема бројката тоа значи и поголемо загадување.

Така, на пример, автомобилите со бензински мотори кои ги исполнуваат Euro 5 и 6 нормите се во Crit’Air 1 класа, додека дизел моторите со истите стандарди се во класа 2.

Возилата кои се под закана за забрана во одредени делови на Франција се оние кои припаѓаат на класата Crit’Air 4 односно 5. Во четвртата класа се возилата со дизел мотори произведени пред 31 декември 2005 година, а во класа 5 возилата со дизел мотори произведени пред крајот на 2000 година.

Детални информации за програмата Crit’Air и мапа на зоните каде што се применува забраната може да се најде на веб страната www.crit-air.fr или апликацијата Green Zones.

Освен сопствениците на возила од Франција, обврска за поседување на Crit’Air налепница имаат и странците кои имаат намера да патуваат во земјата со сопствен автомобил. Истите оваа налепница може да ја купат онлајн, на наведената веб страница или на бензинските пумпи во Франција. Налепницата чини нешто повеќе од три евра, а казната за непоседување на истата чини повеќе од 100 евра.