Досега ниту еден производител не успеал да продаде толку многу електрични автомобили на територијата на САД за еден месец

Илон Маск конечно може да биде барем малку задоволен. Tesla Model 3 конечно е на вистинскиот пат или таму каде што требаше да биде одамна. Производството е се поголемо, а со тоа и испораката на нарачани автомобили. Секако, Tesla нема проблеми со пласманот, бидејќи компанијата веќе одамна има добиено повеќе од 400.000 резервации. Тоа е привилегија што никој досега не ја имал.

Преведено во бројки, Tesla Model 3 во текот на мај и јуни имала месечна продажба од околу 6.000 примероци. Сепак она вистинското, доаѓа во јули, кога на пат кон клиентите тргнале 14,250 примероци, што е рекорд за електричен автомобил.

Со овие бројки Tesla Model 3 на годишна основа e на чело на листата на најпродавани со 38.617 продадени примероци. Досегашниот рекорд го имаше Nissan Leaf со 30.200 примероци продадени во 2014 година. Tesla e во голема предност бидејќи до крајот на годината има уште пет месеци.

Кога станува збор за поскапите Model S и Model X, нивната продажба стагнира и е на ниво од 1.200, односно 1.325 копии месечно, што сепак е доволно далеку за високо 3-ти и 4-то место. На второто место е Toyota Prius Prime со 1.984 примероци.