Lamborghini Aventador SVJ е новиот крал на Nürburgring / ВИДЕО
Lamborghini наскоро и официјално ќе го претстави екстремниот Aventador SVJ, а овој модел во претпродукциска верзија го постигна новото најдобро време на Nürburgring за сериски автомобил – 6:44.97
Ова време е подоро за две секунди од претходниот рекорд 6:47.2 поставен од Porsche 911 GT2 RS во септември минатата година.
Зад управувачот на Lamborghini Aventador SVJ, седел Марко Мапели, истиот возач кој со Huracan Performante го постави времето од 6:57 во 2016 година. Времето на новиот рекорд е потврдено од страна на независната компанија Remak со користење податоци од GPS и VBOX-Racelogic уредите.
Lamborghini овој Aventador SVJ го опремил со гуми Pirelli P Zero Trofeo R, кои за серискиот модел ќе бидат на листата на опции. Стандардни гуми ќе бидат Pirelli P Zero Corsa, кои се многу побезбедни за влажно возење.
Деталите за новиот суперспортски модел на Lamborghini ќе бидат објавени следниот месец, а засега се познати само неколку детали. Соодносот на моќност и тежина ќе биде 1 KS на 2 kg, а максималната моќност на 6.5-литарскиот V12 мотор ќе се движи околу 770 КС.
Од Lamborghini потврдуваат дека автомобилот ќе располага со активни аеродинамични елементи (Aerodinamica Lamborghini Attiva), а погонот ќе биде на сите тркала, со технологија на управување со сите тркала и спортски подесена контрола на тракција.