Веќе одамна постојат гласини дека Land Rover планира да го лансира првиот модел кој нема да биде член на SUV сегментот. Проектот, наводно е наречен Road Rover, а станува збор за возило кое би било поставено на новата алуминиумска платформа на Jaguar XJ

Сега, како директна потврда за гласините е веста за заштита на името Road Rover.

Она што гласините ги прави уште поинтересни е потенцијалниот неконвенционален погон. Според изданието Autocar, Road Rover ќе биде придвижуван од пар електрични мотори, што ќе му овозможи погон на сите тркала и автономија од околу 480 километри со едно полнење. Ако информациите се точни, ќе го добиеме првиот целосно електричен Land Rover во историјата.

Секако, тоа што е заштитено името не мора да значи дека автомобилот воопшто е влезен во развојна фаза. Понекогаш компаниите само ги заштитуваат имињата за да не ги преземе конкуренцијата. Ова би можело да биде случај и тука, но сепак ќе почекаме да видиме што ќе се случи.

Партнерот на Land Rover, Jaguar, на пример, има патентиранo голем број на имиња кои може да ги користи во иднина, како на J-Type, J-Pace, C-Pace…, со тоа што прво споменатиот наводно е резервиран за спортски модел со средно позициониран мотор . Од друга страна, C-Pace би можел да биде купе верзија на F-Pace.

Во секој случај, Road Rover не треба да се очекува пред 2020 година, a една година подоцна премиера ќе има новата генерација на Range Rover на новата „модуларна надолжна архитектура“.