Honda Civic Type R – уште еден рекорд / ВИДЕО
Honda Civic Type R продолжува да ги ниже рекорди
Новата „жртва“ на јапонскиот hot hatch е патеката Есторил во Португалија. Поставеното време е 2 минути, 1,84 секунди, што е најдобриот остварен резултат од сериско возило со погон на предни тркала на оваа патека. Зад воланот е WTCR возачот, Тиаго Монтеиро.
„Дојдовме тука со цел да го срушиме постоечкиот рекорд, но никогаш такви работи не треба да се земат здраво за готово. Треба да имате максимална доверба во автомобилот за да го нападнете Есторил, а Civic Type R е исклучително моќен и влева доверба. Не само што го соборивме рекордот, ние го скршивме“, вели Тиаго Монтеиро и додава: „Type R е многу стабилен и има многу добра ефикасност при сопирање, со неверојатен мотор, што ви дава чувство на возење на тркачки автомобил. Лесно е да се заборави на патеката дека се вози обичен автомобил, со кој потоа може да си заминам дома“.
Рекордот во Есторил е четвртиот кој Civic Type R во својата категорија го постави во 2018 година. Претходно автомобилот ги потврди рекордите во Силверстоун, Спа Франкшамп и Хунгароринг.
На патеката во Есторил, помеѓу 1984 и 1996 година, се возела Големата награда на Португалија.