По седан верзијата, Peugeot ја претстави и попрактичната, караванска варијанта на новиот 508

Седан верзијата, која својата премиера ја имаше на саемот за автомобили во Женева, во март оваа година, внесе освежување во европскиот D сегмент, а слично е и со 508 SW.

Peugeot 508 во караван варијанта не го изгубил спортскиот имиџ на лимузината. Предниот крај е идентичен со седанот, а дизајнерите на француската компанија успешно го примениле концептот  од седан верзија и на задниот дел од возилото. Исто како и кај седанот, стоп светлата создаваат единствена визуелна целина благодарение на црниот украсен елемент кој ги спојува. Линијата на покривот лесно се спушта од Б столбовите до задниот дел на возилото, а автомобилот има спортска силуета.

Peugeot 508 SW е подолг за 3 cm (4,78 m) од лимузината, но е пократок од сегашниот караван за 5 cm.

Благодарение на фактот дека е поставен на новата EMP2 механичка платформа, која ја дели со модели како што се 5008 и DS7 Crossback новиот SW 508, во просек е полесен за околу 70 kg од сегашниот модел.

Волуменот на багажникот е 530 литри или 30 литри е помал од претходникот, а со преклопување на задните седишта се зголемува на 1.780 литри.

Дизајнот на патничкиот простор е ист како и во седан верзијата – внатрешноста ја краси карактеристичниот i-Cockpit од втора генерација, што значи малку пониска позиција на воланот и малку издигната полоѓба на инструмент таблата која возачот ја гледа преку врвот на воланот.

Со минимум физички контроли, кон повеќето функции и содржини се пристапува преку централно поставениот екран кој е дел од мултимедијалниот систем.

Peugeot 508 SW првично ќе биде понуден со 5 верзии на моторот – два 1.6-литарски PureTech бензинци и три BlueHDi дизели (1.5 и 2.0 литри).

Бензините располагаат со 180 и 225 КС – и двете варијанти се спарени со осум-брзински автоматски менувач.

Основниот дизел мотор има 130 коњски сили и е достапен со мануелен и 8-степен автоматски менувач со шест брзини. BlueHDi со 160 и 180 КС ќе бидат достапни само со автоматска трансмисија.

Peugeot најави дека во втората половина на 2019 година, 508 SW ќе биде понуден и во plug-in хибридна верзија која исклучиво на електричен погон ќе може да помине до 50 километри.

Новиот караван 508 ќе се произведува во фабриката за PSA во Милуз, а официјално пред публика ќе биде претставен на саемот за автомобили во Париз во октомври оваа година.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

ВИДЕО