Nikola ja тужи Tesla: Го украдовте нашиот дизајн
Американската стартап компанија, Nikola Motor, поднесе тужба против Tesla Motors, бидејќи верува дека калифорнискиот производител на електрични возила „украл“ некои детали од дизајнот и ги применил на сопствениот електричен камион
Компанијата Nikola Motor од Јута го привлече вниманието на јавноста во 2016 година, кога покажа концепт на камион-шлепер Nikola One, кој се напојува со водородни горивни ќелии. Погонскиот систем работи така што со користење на водород во самото возило се генерира електрична енергија потребна за придвижување на возилото.
Во меѓувреме, Tesla, предводена од амбициозниот Илон Маск, во 2017 година го претстави сопствениот камион, кој користи електрична енергија складирана во батерии.
Tesla со овој концепт покажа дека е еден чекор понапред од конкуренцијата со оглед на фактот дека Nikola Motor со тестирање на своите предпродукциски возила ќе започне дури во 2019 година.
И додека светот го слави Маск и неговиот камион Tesla Semi, Nikola Motor веруваат дека е извршена кражба.
Тие уште во пресрет на премиерата на камионот на Tesla, во писмо адресирано до компанијата го обвиниле Маск дека ископирал некои делови од дизајнот од патентните цртежи на камионот Nikola One и ги применил на Тesla Semi.
Ова првенствено се однесува на специфичниот облик на шофершајбната на камионот, но исто така и на целокупната аеродинамична кабина на возилото.
Nikola тогаш побарал Tesla да ја одложи официјалната презентација на својот камион додека овие проблеми не се решат. Компанијата на Илон Маск не одговорила на писмото и на 16 ноември се одржа премиерата на Tesla Semi.
Од Nikola Motor во меѓувреме одлучиле да преземат правни мерки против својот конкурент и поднеле тужба во која од Tesla се бара надомест од околу 2 милијарди долари!
Од Tesla, по повод тужбата, накратко наведуваат дека, врз основа на патентните цртежи, „очигледно е дека нема основа за таква тужба“.
Tesla претходно објави дека од почетокот на 2018 година добилa околу 1.500 нарачки за својот камион на електрична енергија. Ако сè оди според планот, првите сериски единици од Tesla Semi на патиштата ќе се појават во 2020 година, а почетокот на производството е закажан за 2019 година.
Меѓу компаниите кои веќе имаат нарачано камиони од Tesla се Pepsi, FedEx, Wal-Mart, J.B. Hunt, Sysco и Anheuser-Busch.