Apple веќе започна со производство на најевтиниот iPhone?!
Наследникот на iPhone ЅЕ, освен подобар хардвер и подобра графика, би требало да има можност за безжично полнење, а во согласност со трендовите, најверојатно, нема да има 3,5 mm излез за слушалки
Во текот на последните неколку месеци можеше да се прочитаат различни информации за наследникот на iPhone SE – дел од аналитичарите веруваат дека Apple ќе се откаже од развојот на овој телефон, но бидејќи и понатаму има побарувачка за хардверски моќни уреди со мали екрани, а како модел се уште му носи профит на Apple, други аналитичари и новинари сметаат дека Тим Кук сепак ќе го претстави наследникот на овој модел.
Најновите информации (иако неофицијални и непотврдени) сепак велат дека Apple не само што го развива SE 2, туку дека веќе е започната неговата сериска продукција и наскоро треба да се појави на пазарот. Ова би требало да значи дека наследникот на iPhone ЅЕ треба да го очекуваме во мај или почетокот на јуни на годишната WWDC конференција на Apple.
Во споредба со претходникот, наследникот треба да го задржи екранот со дијагонала од 4 инчи, но ќе имаат подобар хардвер и подобра графика, како и безжично полнење на батеријата, опција која ја имаат само моделите на iPhone претставени во септември минатата година. Единственото нешто кое „двојката“, најверојатно, нема да го има во споредба со својот претходник, е излезот за слушалки од 3,5 милиметри, така што корисниците ќе мора да ги користат приложените слушалки во комплетот, или да користат специјален кабел за поврзување со конвенционалните слушалки.
iPhone SE 2 би требало да биде вовед во големите нешта кои се очекуваат во септември – три нови модели на iPhone, од кои два со OLED екрани (наследникот на iPhone Х и iPhone X Plus), како и модел со LCD екран од 6,1 инчи, чија цена ќе биде помеѓу 550 и 650 долари.