NASA развива нов и мошне тивок суперсоничен Aвион Х
Според плановите, новиот авион треба да биде завршен до крајот на 2021 година, по што NASA ќе започне со дополнителни тестови
Дали наскоро ќе биде можно да се патува со брзина на „телепортација“? Не, сепак станува збор за нешто многу поблиску и пореално. Станува збор за суперсоничен авион кој во голема мера ќе го скрати времето на патување.
Имено, NASA ја ангажирала фирмата Lockheed Martin која за 247,5 милиони долари треба да изгради експериментален авион познат само како авион X. Леталото треба да биде во можност да лета на висина од речиси 17 километри со брзина од 1.500 километри на час.
Освен тоа што треба да биде брз, авионот X треба да биде и неверојатно тивок, односно, авионот не треба да биде погласен од звукот што може да го чуето кога ќе ја затворите вратата од автомобилот.
Како потсетување, првиот суперсоничен авион, Concord, токму поради буката која ја генерира при пробивање на звучната бариера имаше забрана за летови во полна брзина над земјата. Овој, тивок авион може да лета над градовите со максимална брзина и со тоа да го скрати времето на патување.
Според плановите, авионот X треба да биде завршен до крајот на 2021 година, по што NASA ќе започне со дополнителни тестови за да се потврди дека воздухопловот е навистина безбеден за патување.
„Многу е возбудливо повторно да се работи на Авионот Х. За успех, ќе биде од суштинско значење да се покаже дека е можно да се лета со суперсонична брзина, но да се создаде толку малку бучава што луѓето на земјата нема ни да знаат дека авионот летал над нив. Сегашните правила, базирани на брзината на авионот, ги забрануваат суперсоничните летови над копното. Со овој авион, NASA сака да се собере податоци за тоа колку ефикасна тивката суперсонична технологија во смисол на јавно прифаќање на летовите над неколку градови во САД“, вели Џајвон Шин од NASA.
Тој објаснува дека дизајнот на Авион X е клучот кој спречува звучните бранови да се судираат и така создаваат силни експлозии при пробивање на звучната бариера.
Авионот Х треба да биде малку помал од 30 метри со распон на крилата од девет метри со тежина од речиси 15 тони. Леталото ќе биде придвижувано од истиот мотор како во воените авиони F/A-18 E/F. Засега е предвидено место за само еден пилот, но овој дизајн во иднина може да се промени, ако се докаже дека овој авион е безбеден за летање.