„Самовозечките автомобили можеби ќе убијат илјадa луѓе, но ќе спасат многу повеќе“!
Самовозечките автомобили можеби ќе убијат илјадa луѓе, но ќе спасат многу повеќе, изјави директорот на Toyota за Северна Америка, Џим Ленц
Изјавата е дадена на тековнио саем на автомобили во Њујорк, како дел од дискусијата за самовозечки автомобили, а во врска со настаните по несреќата во која автономен автомобил на Uber усмрти жена-пешак во Аризона.
Инцидентот предизвика јавна загриженост за понатамошниот развој и употреба на автономна технологија во возилата на патиштата, пишува USA Today.
Lenz наговести дека во иднина ќе има уште многу случаи со фатален исход, бидејќи производителите на автомобили и технолошките компании ќе го продолжат процесот на развој на самовозечките автомобили.
„Реалност е дека на тој пат ќе има грешки“, вели претставникот на Toyota. „Во несреќи, како онаа што се случи во Аризона, можеби животот ќе го загубат уште 100, 500 или 1.000 луѓе“, вели Ленц додавајќи дека, прашањето е дали општеството е подготвено да ги прифати овие жртви како колатерална штета за да се спасат десетици илјади животи годишно благодарение на автономните возила.
Тој, сепак, смета дека Американците сеуште не се подготвени да го прифатат такво сценарио, а инцидентите како оној во Аризона, неизбежно ќе го забават процесот на прифаќање на „возилата без возач“ во американската јавност.
Проценките на Ленц се дека автономните возила секоја година може да спасат до 35.000 животи во САД, што претставува 98% од смртните случаи на патиштата предизвикани поради возачки грешки.
„Пред автомобилската индустрија е поставена задача да ги убеди потрошувачите дека идејата компјутерите да управуваат со возила е во основа добра работа“, објаснува тој.
Изјавата на Џим Ленц следи откако Toyota ги суспендираше сите тестови на самовозечки автомобили на јавни патишта, непосредно по инцидентот со возилото на Uber.
Сепак, тој смета дека овој прекин нема да трае долго.
„Мислам дека наскоро ќе продолжиме со тестовите“, вели Ленц. „Паузата ја направивме повеќе поради причината како инцидентот во Аризона ќе влијае на нашите техничари (луѓето кои седат во самовозечките автомобили и го следат тест-возењето), отколку што бевме загрижени дека нешто не е во ред со технологијата“, објаснува тој.
Да потсетиме дека Toyota си има поставено како цел на Олимписките игри во Токио во 2020 година да претстави и користи делумно автономни возила за потребите на овој спортски настан.