Новата опасност за автономните автомобили доаѓа од „вселената“!
Производителите на автономни автомобили мора да се грижат за цела низа на потенцијални проблеми
Автономните автомобили уште не почнале сериозно да се движат по патиштата, а се повеќе и повеќе научници наоѓаат опасности кои можат да ја загрозат нивната автономност.
Откако беше откриено дека миењето на автономно возило во автоматизирана перална за автомобили може да го „ослепи“ возилото, сега доаѓа ново предупредување за опасност од вселената.
Поточно кажано, соларните бури кои периодично избиваат на сонцето, испуштаат огромна количина на енергија и може да влијаат на геомагнетната активност и радијацијата и на Земјата.
Иако овие бури не се директно опасни за луѓето, затоа што не заштитува атмосферата на Земјата, во голема мера влијаат на сателитите во орбитата на Земјата.
Токму поради тоа што може да ги оштетат и да ги прекинат врските за GPS податоци, претставуваат проблем за автономните автомобили кои се потпираат токму на овие податоци.
Директорот на опсерваторијата во Болдер, Колорадо, Скот Мекинтош, предупредува дека инженерите кои работат на развојот на автономни автомобили мора да водат сметка и за она што може да се случи ако автомобилот изгуби контакт со GPS сателитите. Затоа што, како што сега стојат работите, автономните автомобили лесно може да застанат и да чекаат додека не се врати сигналот.
Сепак, дека инженерите сериозно ги разбрале ваквите предупредувања говори и фактот дека повеќето од автономните автомобили, освен на GPS, за ориентација во просторот се потпираат и на цела низа на сензори, лидари, но и мапи кои се зачувани во возилото и редовно се ажурираат.
Покрај тоа, благодарение на сонда, која е испратена во вселената и која постојано го следи сонцето, научниците на Земјата знаат дека се случила соларна бура која се движи во наша насока половина час до еден час пред таа и да дојде до нас. Доволно време за да се предупредат за безбедно да застанат автономните автомобили ширум светот.