Шок во Маранело, Ferrari мета на хакери: „Влегоа во нашата база на податоци за клиенти и побараа откуп“
Хакерите имале пристап до имињата на клиентите, e-mail адресите и телефонските броеви, но не и до банкарските податоци
Производителот на спортски автомобили Ferrari објави дека бил цел на сајбер напад врз доверливите информации на одредени клиенти ширум светот и дека добил барање за откуп.
„Ferrari неодамна доби барање за откуп во врска со одредени податоци на своите клиенти“, се вели во соопштението на производителот во понеделникот вечерта.
„Хакерите имаа пристап до одредени податоци поврзани со нашите клиенти како што се имиња, адреси, e-mail адреси и телефонски броеви, но не и банкарски детали“, изјави портпаролот на Ferrari за AFP.
„Според нашите сознанија, досега ништо не е објавено на Интернет. Ние внимателно ја следиме ситуацијата“, додаде тој.
Ferrari нема да се согласи да го плати откупот, „бидејќи плаќањето на таквите барања ќе ги финансира криминалните активности и ќе им овозможи на актерите со закана да ги продолжат своите напади“, истакнува производителот. Овој сајбер напад „немаше влијание врз работењето на нашата компанија“, уверуваат од Ferrari.
По добивањето на барањето за откуп, „веднаш започнавме истрага во соработка со водечка меѓународна компанија за сајбер безбедност“ и ги „известивме релевантните власти“, додава производителот. Извршниот директор Бенедето Виња испрати писмо до клиентите на престижниот бренд во кое ги информира за инцидентот. Не е познато колкав откуп барале хакерите.
Производителот минатата година испорача вкупно 13.221 автомобил ширум светот, што претставува зголемување од 18,5 отсто.