Целосно електричниот Porsche Cayenne ќе пристигне во 2026 година
Porsche продолжува да ги електрифицира своите модели, а целосно електричниот Cayenne се очекува на пазарот за три години
Со вкупно 95.604 продадени единици во 2022 година, Cayenne беше најпопуларниот модел на Porsche. Ажурираната верзија на големиот луксузен теренец е најавена со тизери пред неговата светска премиера закажана за април, а моделот од сегашната генерација постои од 2017 година. Наместо премин во следна генерација, Cayenne ќе биде подложен на третман за „затегнување на брчките“ и ќе остане во продажба во наредните години.
Сепак, сега кружат гласини дека луѓето од Цуфенхаузен работат и на целосно електрична верзија која доаѓа во 2026 година. Освен името, овој модел нема да има многу заедничко со денешниот SUV бидејќи ќе користи различна платформа. Угледниот Autocar пишува дека електричниот Cayenne ќе се базира на платформата Premium Platform Electric (PPE) планирана за следната генерација на електричниот Macan. Платформата се развива во соработка со Audi, што значи дека ќе ја користат и моделите Q6 E-Tron и A6 E-Tron.
Доколку рокот, 2026 година, е точен, тогаш електричниот Cayenne ќе се појави по електричниот Macan, но пред поголемиот електричен SUV со три реда седишта кој веќе е официјално најавен. Треба да очекуваме голема моќ, имајќи предвид дека помалиот електричен кросовер ќе испорачува до 603 КС и повеќе од 1.000 Nm вртежен момент во најмоќната верзија. Исто така, би можел да добие и батерија со капацитет од повеќе од 100 kWh, која е наменета за Macan.
Благодарение на 800V технологија, Porsche Cayenne без мотор со внатрешно согорување ќе поддржува 270 kW полнење. Досегот во моментов е непознат, но треба да биде најмалку 482 километри по циклусот EPA и да биде ривал на Mercedes EQS. Веројатно е планиран систем за управување со задните тркала исто како и за електричниот Macan, заедно со веќе потврдената електронски контролирана блокада на диференцијалот на задната оска.
2023 Porsche Cayenne Facelit (последни тестови пред официјалното лансирање во април)
Исто како Macan, Cayenne со конвенционален погон ќе се продава заедно со електричниот модел неколку години пред Porsche да ги отфрли моторите со внатрешно согорување. Тоа нема да биде случај со линијата 718, бидејќи Boxster и Spyder ќе станат електрични веќе со следната генерација која ќе пристигне во 2025 година.