Од еколошки причини: Крај за Wörthersee GTI фестивалот / ВИДЕО
Автомобилите веќе не се добредојдени
Од 1982 година, фановите на Volkswagen автомобилите се собираат во австриската општина Марија Ворт (Maria Wörth) каде го слават легендарниот Golf GTI, но по 40 години и три откажувања поради пандемијата на коронавирус, општината објави дека повеќе нема да биде домаќин на фестивалот.
Општината објави соопштение преку кое соопштува дека „нема да биде домаќин на конвенционални големи автомобилски настани во следните неколку години“. Тоа значи дека статусот на легендарниот настан Wörthersee Treffen, собирот на езерото Wörthersee, е доведен во прашање.
Општината ги издвојува грижата за животната средина и зачувувањето на екосистемот како причини зошто вредностите на фестивалот и заедницата не се поклопуваат. Областа што некогаш се користеше за изложба на автомобили, каде што бројот на луѓе порасна од 100 во 1982 година на стотици илјади по 2010 година, ќе биде реконструиран и ќе добие нови „зелени“ објекти, вели градоначалникот Маркус Пердахер.
„Во духот на локалната заедница работиме на создавање атрактивни и одржливи простори за живеење, од кои корист ќе имаат сите луѓе во заедницата, без разлика дали ќе поминат таму неколку дена или целиот свој живот“, вели градоначалникот.
Медиумите како германскиот магазин Auto Motor und Sport јавуваат дека и покрај откажувањето на фестивалот во последните три години, љубителите на моделот GTI доаѓале во Марија Ворт на неофицијални собири, што сепак предизвикало проблеми и резултирало со интервенција на полицијата. Ова можеби влијаело и на одлуката на општината.
Освен што претставува проблем за фановите на Golf GTI, одлуката на општината има влијание и врз Volkswagen, кој долго време го поддржува фестивалот и го користи за најава на моделите GTI.
„Жалиме што легендарниот GTI собир Wörthersee повеќе нема да се одржува во неговата сегашна форма. Во моментов размислуваме како да ја поддржиме заедницата на обожаватели на GTI во иднина. Одржувањето на комуникацијата е клучно за нас додека стапуваме во контакт со нашите најлојални клиенти“, велат од Volkswagen.
Сепак, од општината „Марија Ворт“ велат дека ќе размислат за одржување на настанот во иднина доколку е во согласност со нејзините еколошки цели. Тоа ја остава вратата отворена за Volkswagen ID. фестивал, но тешко е да се поверува дека ќе ги привлече љубителите на GTI кои доаѓаат со години.