Истражување: Електричните возила не се најчисти, а дизел моторите не се најлоши!
Најлоши во истражувањето биле бензинските мотори, следат дизел автомобилите и електричните автомобили, кои се речиси изедначени!
Германскиот автоклуб ADAC спровел студија за емисиите на штетни гасови и дошол до интересни податоци. Автомобилите на природен гас во моментов се најмалку штетни за климата. Во споредба со бензинците, дизелите и електричните автомобили, кои работат на тековната мешавина на електрична енергија, автомобилите на природен гас се покажале како најдобри.
Само електричните автомобили кои користат 100 проценти обновлива енергија во текот на целиот работен циклус би имале подобри резултати во емисиите на јаглерод диоксид отколку автомобилите на природен гас.
Истражувачкиот институт Joanneum Research ги проценувал емисиите на CO2 од таканаречените автомобили од класата Golf, кои поминуваат 15.000 километри годишно, а вкупниот животен век трае 15 години. Според ADAC, електричните автомобили во Германија користат енергија добиена во најголем дел од термоелектраните на лигнит и јаглен, а тука е и енергијата потребна за производство на батерии. Најлоши во истражувањето биле бензинските мотори, потоа дизел автомобилите и електричните автомобили, кои се речиси еднакви.
Можеби некои луѓе сега се изненадени од ова, но тоа само значи дека не ги следат редовно анализите на оваа тема. Електричните автомобили не се толку еколошки и „зелени“ како што луѓето мислат (барем додека електричната енергија која се користи за производство на автомбилите и батериите не почне да се добива од обновливи извори).
Еве и конкретни бројки од истражувањето.
Резултатите ги вклучиле сите емисии, од производство до рециклирање на возило, од производство на гориво до производство на електрична енергија. Со поминати 225.000 километри, автомобил на природен гас би испуштил вкупно околу 35 тони CO2, дизел и електрични автомобили околу 38 тони, а автомобилите на бензин повеќе од 40 тони… Ако 100 отсто од енергијата доаѓа од обновливи извори, електричен автомобил би испуштил околу 13 тони CO2 на истиот примерок. Но, како што знаете, најголемиот дел од енергијата не доаѓа од обновливи извори.