Светска премиера: Ferrari го претстави семејниот кросовер Purosangue со V12 погон / ФОТО+ВИДЕО
Четирите врати странично и петтата задна врата за прв пат ова Ferrari го прават и практично, а не само брз кросовер
Го чекваме и дочекавме! Пред нас е првиот семеен теренец на Ferrari со четири врати! Ferrari Purosangue можеби доцни во друштвото на престижни SUV модели како Lamborghini Urus, Rolls Royce Cullinan или Aston Martin DBX, но навистина има што да покаже.
Со должина од 4,97 метри, ширина од 2,03 метри и висина од 1,59 метри, „чистокрвниот“ (Purosangue) Ferrari има уникатни димензии и пропорции во целиот сегмент на луксузни супер SUV модели. Ова е комбинирано со елегантна и мускулеста линија, а Ferrari не сака новиот модел да се нарекува SUV.
Технички, рамката на каросеријата е дизајнирана од нула, со користење лесни материјали со висока цврстина за да се постигне мала тежина, а торзионата крутост е зголемена за 30 проценти во споредба со другите модели. Во исто време, соодносот на тежината напред/назад е 49:51, како кај вистинските спортски автомобили. Purosangue тежи 2.033 kg, што е речиси 200 kg помалку од Lamborghini Urus.
Но, она што изненадува е недостатокот на активни аеродинамички елементи како спојлери или сплитери, кои сега се сеприсутни кај суперавтомобилите од новата генерација. Сепак во Ferrari се одлучиле за поелегантен и воздржан пристап.
Така, Purosangue доаѓа со префинет изглед во стилот на купето Roma и всушност делува како издигнат GT модел со четири врати кој нуди простор за четири патници.
Патниците дефинитивно ќе уживаат во возењето бидејќи Purosangue не го добил 6- цилиндерскиот мотор потпомоогнат со турбополначи од 296 GTB, туку култниот атмосферски V12 мотор под предната хауба, што го прави полнокрвно Ferrari од најдобар вид.
Така, за прв пат во својата 75-годишна историја, Ferrari произведе автомобил со четири врати, но ги отфрли конвенциите. Имено, неговите врати се отвораат наспроти, како моделот на Rolls Royce, кој на вистинскиот спортски кросовер од Маранело му дава примеси на престиж и уникатност.
Удобноста е загарантирана бидејќи Ferrari максимално го користи дарежливото меѓуоскино растојание од 3,02 метри. Четирите засебни фотелји ги имаат сите функции, од електрично подесување, греење до вентилација, додека предните имаат и програма за масажа. Освен завршната обработка и материјалите од највисоко ниво (вклучувајќи и Алкантара направена од сертифициран рециклиран полиестер), она што е многу посебно е изгледот на кокпитот.
Спротивно на сите модерни автомобили, во новото Ferrari нема централен екран. Сите главни информации се прикажуваат на екранот од кластерот на инструменти и на екранот на совозачката страна (и двата со големина од 10,2 инчи). Purosangue нема ни навигација, бидејќи интеграцијата со Apple CarPlay и Android Auto му обезбедува на возачот најнапреден и најсовременен можен систем.
Задната петта врата и големиот багажен простор (473 литри – најголемиот досега во едно Ferrari) го прават ова Ferrari за прв пат практично, а не само брзо. А навистина е брзо: неговиот 6,5-литарски V12 постигнува 725 КС и 716 Nm, што му дава перформанси на супер автомобил. Стигнува до 100 km/h од место за 3,3 секунди и не запира до 310 km/h! Моќта и вртежниот момент се пренесуваат на сите тркала со 8-степен менувач со две спојки, а целиот сет е преземен од моделот GTC4 Lusso.
Иако касно пристигнува на пазарот, се чини дека Purosangue веднаш ќе го заземе врвот во класата, како со се она што го носи со себе, така и со цената. Иако се уште не е објавено, во Италија се очекува да чини 400.000 евра.
Продажбата во ЕУ започнува следната пролет.