Најнов возен парк во ЕУ има Луксембург. Полска е на последното место!
Податоците на Евростат се за крајот на 2020 година, а според нив, Луксембург има најмлад возен парк со најголем удел на возила стари до две години во износ од 22 отсто. Следуваат Франција, Австрија, Ирска, Белгија и Шведска, сите со удел на нови автомобили меѓу 16 и 17 проценти
Автомобилите стари две до пет години се сметаат за нови на Балканот, но најголемо учество имаат во Луксембург и Ирска со удел од 28 отсто и Белгија со 24 отсто.
Ако се прашувате кои земји имаат најголем удел на возила постари од 20 години, резултатот може да ве изненади. Во прашање е Полска, на чии патишта 40 отсто од автомобилите се постари од 20 години. Пред неа се Естонија со 33 и Финска со 28 отсто учество.
Ако се погледнат двете најстари возрасни групи, Литванија има најголем удел на патнички автомобили постари од 10 години (81%), а потоа следат Романија (80%) и Полска (78%). Сепак, резултатите треба да се земат со резерва бидејќи во податоците не се вклучени Бугарија, Грција, Словачка и Исланд, земји за кои Евростат нема податоци.