Последниот Dodge Hellcat ќе има повеќе од 900 КС
Dodge наскоро ќе го претстави својот прв електричен „muscle“ автомобил со кој ќе се означи крајот на ерата на моторите со внатрешно согорување, но пред тоа светот ќе го види Hellcat со последниот и најмоќен модел
Dodge Challenger SRT Hellcat е меѓу најимпресивните автомобили благодарение, меѓу другото, и на неговиот 6.2-литарски V8 мотор кој развива 797 КС. Според информациите кои ги открија упатените, Dodge ќе се збогува со Hellcat со финален модел кој како гориво ќе користи етанол E85.
Првите проценки велеа дека Hellcat Finale ќе може да развива до 850 КС кога работи на E85, но сигурен извор открива дека моќноста ќе биде поголема. Mopar Insiders наведува дека моторот на најновиот Hellcat ќе испорачува 909 КС.
Овој податок јасно укажува дека новиот Hellcat ќе биде најмоќниот автомобил на Dodge во историјата. За потсетување, специјалниот Dodge Demon развива до 840 КС користејќи гориво за тркачки автомобили од 100 октани и моментално е најбрзиот SRT некогаш произведен.
Dodge неодамна го заштити името Tomahawk, а тоа би можело да биде совршено за последниот модел кој ќе претставува „лебедова песна“ за моторот со внатрешно согорување.
Кога автомобилот ќе биде претставен се уште не е познато.