Alfa Romeo целосно се менува. Помалку емоции, повеќе разум!
Според најавите од компанијата, Alfa во наредните години ќе се обиде да ја прошири својата понуда и на други класи на автомобили
Alfa Romeo моментално е во многу незавидна позиција. По прекинот на производството на компактната Giulietta и спортскиот 4C, понудата се сведе на само два автомобили кои исто така не се во цутот на младоста – Giulia и Stelvio. Ова ја направи Alfa еден од производителите со најмал асортиман на модели во светот.
Меѓутоа, ако им се верува на најавите, тоа би можело да се промени во наредните години. Со помош на новиот компактен SUV Tonale, Alfa Romeo се надева на удвојување на сегашното производство до крајот на следната година.
На тој начин Alfa би ја започнала својата транзиција од бренд кој ги таргетира емоциите кон рационален бренд соочен со реалноста на модерниот пазар на автомобили. Според најавите од компанијата, Alfa во наредните години ќе се обиде да ја прошири својата понуда и на други класи на автомобили. Наводно се планира и мал кросовер, кој би можел да се вика Brennero. Во продажба би требало да се појави во 2024 година. Во понудата треба да има и електрична верзија на овој автомобил.
За 2025 година е планиран нов модел кој би требало да биде исклучиво електричен, а се работи и на замена на градскиот модел MiTo. Во 2027 година, Alfa треба целосно да го прекине производството на модели со мотор со внатрешно согорување.
Дали на фановите на брендот ќе им се допаднат сите овие планови, останува големо прашање кое засега нема одговор.