Tesla ги зголеми цените на своите модели на глобално ниво
Американскиот производител на електрични автомобили Tesla повторно ја зголеми продажната цена на своите модели, поради зголемените трошоци за производство и зголемената инфлација
Зголемувањето ќе влијае на пазарите ширум светот, што не е добра вест на позадината на сета економска неизвесност и долгите редици луѓе кои чекаат да купат нов автомобил.
По неодамнешните зголемувања на цените во САД и Канада, Tesla го прави истото во неколку земји во Европа, Кина, Австралија, Јужна Кореја и Јапонија. Промената ќе влијае на најпопуларните модели и модификации што ги нуди американскиот производител, а скокот на цените е сличен на оној во САД.
Во Германија, на пример, Model 3 Long Range AWD сега чини 2.500 евра повеќе, додека во верзијата Performance зголемувањето е 1.500 евра. Најпопуларниот модел во Кина – Model Y Long Range, поскапе за 2600 евра, додека во Австралија промената на цената влијае на Model Y во верзиите RWD и Performance и е околу 2700 австралиски долари (околу 1300 евра).
Во меѓувреме, кинеските власти одлучија да ги забранат моделите на Tesla во областа Греј Бејдехе од 1 јули, пренесува Reuters. Причината е што популарното приморско одморалиште ќе биде домаќин на состанок на владата на земјата зад затворени врати, при што властите стравуваат дека електричните возила на Tesla може да ги користат странските разузнавачки служби за собирање информации.
Градската управа се уште не ја потврдила забраната, но на социјалните мрежи се појавија фотографии на кои полицајци од одредени области одземаат автомобили Tesla. Портпаролот на полицијата коментира дека „рестрикциите ќе бидат воведени многу брзо“ и дека се очекува тие да важат околу два месеци.
Засега не е познат датумот на владиниот состанок во Бејдехе, но слична мерка беше воведена пред неколку недели во друг град – Ченгду. Ова се случи за време на посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг. Властите претходно им забранија на сопствениците на Tesla да ги посетуваат воените бази или населбите во кои живеат војници, стравувајќи дека камерите инсталирани во електричните возила може да се користат за шпионажа.