Со последната одлука на РКЕ се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија од 02.06.2022 година

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, се зголемува за 2,00 ден/лит, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 02.06.2022 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 109,00 ден/лит.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, се зголемува за 2,50 ден/лит, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 02.06.2022 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 111,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемува за 3,00 ден/лит, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 02.06.2022 година и со тоа малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), изнесува 98,50 ден/лит.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Мазутот М-1 НС, не се менуваат, односно остануваат на исто ниво, како што биле утврдени со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 02.06.2022 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 99,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Мазутот М-1 НС изнесува 54,640 ден/кг.

Во образложението на одлуката стои: 

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 3,497% или за 46,150 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за 1,882% или за 22,700 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 4,473 % или за 50,800 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 1,095% или за 7,300 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 57,5430 ден/$ и е за околу 0,105% понизок од курсот на доларот (57,6035 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка.