Колку чини новиот VW ID. Buzz?
Германскиот производител ги објави цените за електричниот ван
Новото електрично комбе на Volkswagen, кое е духовен наследник на легендарниот модел Type 2, ќе може да се нарача на одредени европски пазари веќе оваа недела. Почетната цена во Германија без субвенции е 64.581 евро.
Кога станува збор за карго варијантата ID. Buzz Cargo, овој модел стартува од 54.430 евра, исто така без државни стимулации.
За моделот во Германија може да се поднесе барање за субвенција во висина од 7.500 евра, што значи дека за таа сума би се намалила крајната цена и за двете верзии.
VW ID. Buzz во продажните салони низ Европа пристигнува во третиот квартал од оваа година, со капацитет на батерија од 82 kWh и пет седишта за патничката верзија, додека ID. Buzz Cargo има карго простор кој може да собере две евро палети.
Како што е најавено, ID. Buzz во Европа првично ќе се нуди во конфигурација со пет седишта (во два реда), а Volkswagen вели дека верзијата со шест седишта (три реда х две седишта) со стандардно меѓуоскино растојание ќе биде пуштена подоцна.
Верзијата со продолжено меѓуоскино растојание ќе пристигне на европскиот пазар во 2023 година и ќе се нуди со седум седишта, со конфигурација 2/3/2. Карго варијантата се нуди со седишта за возачот и совозачот во форма на една клупа или две поединечни седишта.
Ширината на двата модела, ID. Buzz и ID. Buzz Cargo, е 1.985 mm, додека должината е 4.712 mm. Меѓуоскиното растојание е 2.988 mm, додека висината на патничката верзија е 1.937 mm, а на карго верзијата е повисока за 1 mm.
Volkswagen сè уште не ја открил проценетата автономија на возење со полна батерија, но компанијата потврди дека првично Buzz ќе се нуди со капацитет на батерија од 82 kWh. Таа ќе го напојува електричниот мотор со 204 КС (150 kW) и вртежен момент од 310 Nm, кој пак моќноста ја испраќа на задната оска.
Поголем избор на опции за батерии и различна излезна моќност ќе бидат достапни следната година, а во план е и модел со погон на сите тркала, но детали нема.
Максималната брзина на верзијата со 204 „коњски сили“ е ограничена на само 145 km/h.