Според полицискиот извештај, возачот рекол дека не бил запознаен како се вози автомобил со мануелен менувач

Првата генерација на Ford GT беше релативно прифатлива кога беше нова. Помеѓу 2005 и 2006 година овој модел се продаваше за сума од околу150.000 долари, а Heritage edition пакетот беше опција.

Но, оваа година вредноста на користените автомобили значително порасна, особено на оние егзотичните и ретки, што ја прави оваа приказна уште поболна, иако, за среќа, повредите се само од финансиска природа.

Џон Педи, сопственик на еден таков специјален спортски автомобил од работилница на Ford, на Facebook сподели фотографија од сино-портокалов Ford GT која беше стандардна за Heritage Еdition моделот, но она што навистина привлекува внимание е големата штета на предниот дел која наводно е резултат на судир со палма покрај патот.

Објавата на Facebook нема контекст, но Road & Track наведува дека возачот бил сопственик на автомобилот, 50-годишен маж кој неодамна го купил овој Ford GT за 704.000 долари.

Штетата настанала поради губење на контролата предизвикана од промена на брзината, а според полицискиот извештај, возачот рекол дека до судирот не бил целосно запознаен за возењето на автомобилот со рачен менувач. Тој удрил во дрвото додека излегувал од својот двор, а потоа се одвозил назад и од таму повикал полиција.

Но, ова не е се. Овој Ford наводно не бил регистриран, што значи дека не бил ни осигуран. Уште полошо, возачот немал ниту возачка дозвола. Што се однесува до сето тоа, тој е казнет затоа што возел без возачка дозвола, а за немање регистрација и осигурување добил само опомена.

Помеѓу 2005 и 2006 година Ford има произведено вкупно 4.038 GT единици, а тоа се и единствените две години во кои се произведува првата генерација. Од оваа бројка, само 346 примероци се со Heritage Еdition пакетот на опрема.