Студијата се занимава со влијанието на промените во транспортниот и енергетскиот сектор во САД врз здравјето на луѓето

Според новото истражување на Американското здружение за бели дробови, префрлањето на целосно електрични возила би имало големи придобивки за здравствениот систем, но и за населението во целина. Студијата го испитувала влијанието на промените во транспортниот и енергетскиот сектор во САД врз здравјето на луѓето.

Имено, во студијата се наведува дека доколку сите нови возила продадени во САД до 2035 година се електрични, а електричната мрежа се дистанцира од фосилните горива, до 2050 година би можеле да се спречат повеќе од 110.000 предвремени смртни случаи. Американското здружение за бели дробови, исто така, проценува дека ќе спречат повеќе од 2,78 милиони случаи на напади на астма. Севкупно, јавното здравство би заштедило околу 1,2 трилиони долари.

Треба да се напомене дека некои држави во САД се веќе на добар пат да ги постигнат овие цели, вклучително и Њујорк, Калифорнија и Вашингтон кои до 2035 година донесуваат законски забрани за возилата со внатрешно согорување. Сепак, остатокот од САД веројатно нема да го следи примерот.

„Можам да ги советувам моите пациенти да го ограничат времето што го поминуваат надвор за да го ограничат загадувањето што го дишат. Не можам да обезбедам чист и здрав воздух за дишење – и тоа е неверојатно фрустрирачки“, вели Афиф Ел-Хасан, педијатар и волонтер на Американското здружение за бели дробови во интервју за The Verge. „Треба да е право на секое дете да игра и да се развива некаде безбедно. За тоа никогаш не треба да се разговара“.

Загадувањето на воздухот ги погодува не само луѓето со астма, туку и целото население. Оддалечувањето од автомобилите со внатрешно согорување би имало големи придобивки за сите заедници лоцирани во близина на автопатиштата, локациите за производство на електрична енергија, пристаништа, магацини и рафинерии.