Непосредно пред да влезе на европскиот пазар, Toyota ги подобри планираните карактеристики на својот прв целосно електричен SUV

Toyota bZ4X, електричниот кросовер на батерии на најголемиот јапонски производител, беше најавен минатата година, а во Европа треба да стане достапен во наредните месеци. Ова е првиот модел на Toyota од серијата bZ (Beyond Zero), со кој и овој производител ќе тргне во насоката автомобили без штетни емисии.

Теренецот bZ4X е базиран на платформа развиена од Toyota заедно со Subaru, и носи карактеристичен динамичен дизајн, пространа внатрешност, напредни SUV карактеристики и погон на сите тркала, па затоа е наменет не само за патот, туку и за малку позахтевни терени. Погонот на четири тркала се користи со два електрични мотори, од кои секој придвижува по една оска, давајќи му ги на SUV моделот способностите што градските автомобили вообичаено ги немаат.

Зголемена автономија

Благодарение на ефикасните мотори и управувањето со енергијата, батеријата од 71,4 kWh ќе му овозможи на овој автомобил да постигне поголема автономија со едно полнење од првично најавеното. За европските пазари, хомологираната Toyota bZ4X според циклусот WLTP треба да постигне 516 километри со целосно наполнета батерија, со потрошувачка од 14,3 kWh на 100 km – за моделот со погон на предните тркала.

За моделот со погон на сите тркала, сертифицираниот опсег ќе биде 470 километри, со енергетска ефикасност од 15,8 kWh на 100 km. Да потсетиме, минатата година Toyota објави дека досегот на новиот SUV ќе биде „над 450 километри“.

Гаранција на батеријата – еден милион километри

Кога станува збор за гаранцијата за батериите, од Toyota велат дека ќе им гарантираат на клиентите дека нејзиниот употреблив капацитет нема да падне под 70% по 10 години, па дури и по милион километри.

Првите испораки до клиентите во Европа се најавени за престојното лето.