Renault не сака да ја напушти Русија?!
Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер вели дека приватните компании се слободни самостојно да носат одлуки за бизнисот во Русија
Renault поседува 68 отсто од акциите на AvtoVAZ и марката Lada во Русија, па јасни се причините зошто француската компанија се уште е присутна во најголемата земја во светот. Додека западните марки ја напуштаат Русија поради војната во Украина, Renault останува. Со овој сопственички удел, Renault контролира приближно 30 отсто од автомобилскиот пазар во земјата и вработува 40.000 локални работници. Она што ја прави ситуацијата уште покомплицирана е фактот што француската влада поседува 15 отсто од акциите во Renault, а бизнисот во Русија е околу 10 отсто од приходите на Renault.
Извори од Renault за Auto News велат дека се двоумат за повлекувањето од Русија поради високите трошоци и сакаат да ја избегнат национализацијата на AvtoVAZ. Некои независни експерти најавуваат дека Renault нема да ја напушти Русија. Русија најави дека ќе ги национализира компаниите кои решиле да го напуштат пазарот.
Француската влада не зборува за односите на Renault во Русија. Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер вели дека приватните компании се слободни самостојно да носат одлуки за бизнисот во Русија, но само доколку строго и ригорозно се придржуваат до санкциите.
Производството во фабриката на Renault во близина на Москва е прекинато до 18 март поради проблеми со снабдувањето. Локациите на AutoVAZ во Тољати и Ижевск исто така мируваат по руската инвазија на Украина поради недостиг на полупроводници.