SF90 до 100 km/h забрзува за две и пол секунди, а до 200 km/h за 6,7 секунди

На американската платформа за онлајн аукции IAAI се појави уништено Ferrari SF90 Stradale. Иако во описот на автомобилот не е наведена причината за несреќата, од фотографиите се гледа дека истата воопшто не била наивна. До моментот на несреќата овој SF90 Stradale имал поминато само 290 километри! Уништени се браниците, светлата, стакла, врати и еден куп други елементи, но има една „ситница“ која може да ги заинтересира потенцијалните купувачи – 4.0-литарскиот V8 твин-турбо мотор е жив!

Аукциската куќа автомобилот го проценила на 1.034.000 долари.

Овој хибриден ѕвер е придвижуван од 4.0-литарски V8 твин-турбо мотор потпомогнат од три електрични мотори – два сместени на предната оска и еден помеѓу бензинецот и 8-брзинскиот менувач со двојна спојка. Бензинскиот мотор со турбо полнач постигнува 780 КС и 800 Nm максимален вртежен момент, додека електромоторите испорачуваат комбинирана моќност од 162 kW и 220 КС, соодветно, и добиваат енергија од литиум-јонска батерија од 7,9 kWh. Погонот е на сите четири тркала.

Ferrari SF90 Stradale тежи само 1570 kg или 1,57 kg по коњска сила. Од сето ова произлегуваат и фантастичните перформанси: до 100 km/h од место, SF90 Stradale забрзува за само 2,5 секунди, до 200 km/h за 6,7 секунди, а максималната брзина е 340 km/h.