„Макпетрол“: Снабдувањето со горива ќе се нормализира во следните денови
Состојбите на глобалните нафтени пазари се менуваат секојдневно, цените постојано се зголемуваат, а како резултат на тоа снабдувачите се соочуваат со проблеми при навремената достава на горива до своите партнери
„Побарувачката на горива во земјата изминативе денови е енормно зголемена, а меѓу главните причини за тоа се шпекулациите во јавноста дека ќе има недостиг, како и цените на светските берзи. Дополнително, снабдувањето беше отежнато затоа што нашиот дистрибутер ‘Окта’ во недела не работи. Исто така, и во Грција, од каде што се набавува горивото, недела е неработен ден, а и овој понеделник е државен празник. Сето ова придонесе да се појави привремен недостиг на дизел-гориво на некои наши бензински станици“, истакнуваат од „Макпетрол“.
Компанијата денеска уште во раните утрински часови го обезбеди целото расположливо гориво од „Окта“, а тоа во текот на денешниот ден и во ноќните часови ќе биде испорачано на локациите на „Макпетрол“.
Очекувањата се дека снабдувањето со сите видови горива на бензинските станици на „Макпетрол“ во следните денови ќе се нормализира.
Извор: Макфакс