Зошто Bugatti Chiron Super Sport не е погоден за McDonald’s? / ВИДЕО
Обиколка на Нирбургринг е многу полесна за хиперавтомобилот
Автомобилите стануваат сè подебели. Ова е особено точно ако во нив треба да ставите W16 мотор со 4 турбополначи. Додадете погон на сите тркала, резервоар за гориво од 100 литри, предни дискови за сопирачките од 420 mm и задни од 400 mm, за да разберете зошто Bugatti Chiron е толку широк.
Популарниот водител Мет Вотсон од каналот Carwow се обидел да се справи со она што е една од најтешките „патеки“ во светот за хиперавтомобилот – McDonald’s Drive Thru. Сакал да нарача нешто во ресторанот за брза храна без да излезе од автомобилот, внимавајќи да не закачи некој од елементите на каросеријата и суспензијата. За таа цел бил избран ресторан во Франција, а Вотсон не бил сам во својот напор, туку добивал инструкции од главниот тест-пилот на Bugatti, Енди Валас.
Со нормален автомобил целата „вежба“ ќе трае неколку секунди, но во случајот со Bugatti Chiron Super Sport тоа се покажало како нервозно искуство кое трае неколку минути. Што всушност е сосема разбирливо, бидејќи Chiron Super Sport е импресивно широк – 2.183 mm, ако ги вклучите и страничните ретровизори.
Факт е дека хиперавтомобилот има едни од најдебелите гуми некогаш поставени на сериски автомобил (големина 285/30 R20 напред и 355/25 R21 назад). Како и секоја друга машина со високи перформанси, и оваа има и систем за подигнување на каросеријата за нешто поголемо растојание од тлото. Ова му дава на Chiron SS растојание од подлогата од 125 mm напред и назад, што е значително повеќе отколку кога е во режим за постигнување на максимална брзина – 80 mm напред и 89 mm назад.
Оштетувањето на едно од овие магнезиумски тркала не е за оние со слабо срце, бидејќи неговата поправка чини цело богатство. Фактот што автомобилот „седи“ толку ниско го отежнува нарачувањето во McDonald’s Drive Thru, бидејќи сте далеку од микрофонот.