Formula 1 одлучи да го раскине договорот со промоторот на Големата награда на Русија, па така како резултат на тоа, трката на руско тло нема да се одржува во наредните години како што беше планирано

Да потсетиме, Formula 1 најпрво ја одложи ГН на Русија, што требаше да се одржи на 25 септември, за сега да повлече нов важен потег.

Големата награда на Русија од 2023 година требаше да биде префрлена на патеката во Санкт Петербург. Сепак, тие планови пропаднаа, па Formula 1 на руско тло наскоро нема да гледаме.

„Formula 1 може да потврди дека договорот со промоторот на трката за ГН на Русија е раскинат, што значи дека Русија нема да има трка во блиска иднина“, се вели во соопштението од F1.

Судбината на трката за ГН на Русија е решена, но се уште се чека одлуката на тимот на Haas во врска со рускиот возач Никита Мазепин. Главниот спонзор на тимот, Uralkali, повеќе не е во тимот по почетокот на руската инвазија на Украина. Во исто време, Обединетото Кралство одлучи на сите руски возачи да им биде забрането да се тркаат на нејзино тло.

Сегашната одлука на FIA е руските и белоруските возачи да можат да се натпреваруваат во натпреварите на FIA, но само под неутрално знаме. Сепак, тоа не ги спречува федерациите ширум светот да им забранат на руските и белоруските возачи да се натпреваруваат на нивна територија.