Formula 1: Почеток на нова ера. „Претставен“ новиот Williams FW44! / ФОТО+ВИДЕО
Williams Racing е шестиот тим кој досега го претстави својот болид за новата сезона од Светскиот шампионат во Formula 1
Williams го претстави својот болид преку своите канали на социјалните мрежи, а покрај возачите Латифи и Албон, на промоцијата беше присутен и шефот на тимот на Јост капито. Презентацијата сепак не дава целосен увид во конечниот изглед на болидот како и неговите спецификации, напротив единствено нешто што е сигурно се новите бои. Како навистина ќе изгледа FW44 ќе биде појасно кога ќе започнат претсезонските тестирања.
Што се однесува до надворешноста на автомобилот, веднаш е очигледно дека Williams одлучил да комбинира различни нијанси на синa. Бело-сината комбинација е минато, а додадени се и некои црвени детали за кои велат дека ги симболизираат британските корени на тимот од Гроув. Ова е првиот болид кој излегува од фабриката на Williams по смртта на основачот на тимот Сер Френк Williams. Тимот сега е во сопственост на Dorilton Capital.
Шефот на тимот, Јост Капито, се надева дека Williams ќе продолжи да расте по позитивните исчекори во 2021 година:
„Тоа беше одлична сезона за нас, особено чекорот што го направивме од 2020 до 2021 година. Резултатите, бодовите и подиумот, дадоа поттик за целиот тим. Се надевам дека овој поттик ќе се одрази на перформансите на FW44 оваа година. Во текот на своето минато, како еден од тимовите икони во Formula 1, Williams Racing покажа голема сила и софистицираност. Новиот визуелен идентитет на болидот за 2022 година совршено ги одразува карактеристиките кои персоналот, возачите и навивачите ги покажаа со текот на времето“, вели капито.
„Влегуваме во нова ера на нашиот спорт, а FW44 ја нагласува транзицијата кон иднината, но ги препознава и безвременските квалитети што го сочинуваат тоа што сме. Минатата година бевме воодушевени и горди што направивме толку силен напредок како тим, со поголем број заслужени пласмани меѓу освојувачите на поени, со додаток еден подиум. Гледајќи кон иднината, сакаме да се надоврзуваме на овие успеси, а FW44 совршено ги отелотворува тие амбиции да се вратиме на врвот на рангирањето. Се радувам што ќе можам да посведочам на овој напредок со Николас и Алекс зад воланот на нашите болиди“, завршува Капито.
Еден детал кој може да се забележи е дека на болидот повеќе го нема логото „senna s“, кое се наоѓаше на носот на болидот од 1995 година во спомен на легендарниот Аиртон Сена. Капито објасни дека тимот сака да гледа во иднината, наместо постојано да им покажува на возачите што се случило во 1994 година на ГН на Сан Марино.
Williams минатата година заврши на осмото место во конструкторскиот поредок. Џорџ Расел освои 16 поени, а Николас Латифи седум. Британецот во меѓувреме се пресели во Mercedes, а неговото место го заеде Александер Албон.